Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!



 


Инфраструктура

Страна: |:1:|:2:|

Водовод

Површинската хидрографска мрежа на подрачјето на Општината Сопиште е слабо развиена, најмногу поради интензивниот процес на карстификација кој ги зафатил гребените на Караџица, Сува Планина и Венец. Општината е мошне сиромашна со водени ресурси. Во 90% местата се без поток или река. Како многу атрактивен природен феномен и потенцијален извор на вода за пиење за поширокиот регион мора да се спомене понорницата Патишка Река. Две села се опфатени со понорницата, која засега не се користи за водоснабдување поради оскудноста и нејзината природа. Во тој предел има поток кој во сушниот период на лето има минимална количина на вода и поминува управно на патот. Водата не може да се користи за наводнување летно време.

Во однос на исправност и штедрост на водата, населбите Припор, Шевоец (Припор), Добри Дол, Ракотинци и Сопиште се во најдобра положба зашто се снабдуваат со вода од градскиот водовод на град Скопје. Водоснабдувањето се врши преку градски водовод со конфигурација која има голема денивелација од почетна до крајна точка со ниетна зона поделена на 5 зони. Приклучното место на градскиот водовод е едно за сите 5 зони, како и за пумпната станица “Припор”. Зона 1 се снабдува од постојниот резервоар р1 со волумен 250 м3. Зона 2 се водоснабудва од резервоар р2 со волумент 300 м3. Зона 3 се снабдува со р3 резервоар со волумен 300 м3. Водата доаѓа од еден правец со мрежа од гранкаст тип со долги слепи кракови и спирални цевки со катодна заштита. 

Кај останатите села водоснабдувањето не е најдобро решено. Тамошното население со вода се снабдува преку локални каптажи за вода или јавни чешми, како и од сопствени бунари. За решавање на овој проблем секојдневно се бара решение. Општината прави напори преку контактите со “Водовод и Канализација” да направи продолжување на постоечкиот водоводен систем кон Долно Соње и останатите села.


Исто така, како што е веќе познато, водоснабдувањето на селата во општината Сопиште не е најдобро решено. Уште пред десет години беше изготвен проектот “Патишка Река” кој нуди целосно и трајно решение за задоволување на сите села со чиста планинска вода. Проектот е изработен уште пред десетина години, но за жал сеуште не е реализиран. Се смета дека со изградбата на системот “Патишка река” ќе се придонесе за побрз развој на сите населени места, намалена миграција, подобрување на здравствената состојба на луѓето, бидејќи нуди подобра хигиена. Исто така, со реализацијата на овој проект ќе се поттикне и поголем развој на нови технологии во земјоделското производство, а можно е и разни финални преработки. Проектот “Патишка река” има и стратешко значење, не само за регионот на општината, туку и за град Скопје. 


Имајќи го во предвид сето ова за проектот “Патишка река”, стручниот тим кој работеше на изготвувањето на НЕАП-от (Национален еколошки акционен план), го апсолвираше значењето на овој систем и го вгради во програмата за четирите регионални водоводи во Македонија. За жал, од сеуште непознати причини овој проект е изоставен од реализација. Според сознанијата од теренот, населението во општината е мошне заинтересирано со свои средства делумно да партиципира во овој проект. Се разбира, за оваа иницијатива потребна е и подршка од надлежните институции во државата. Од тие причини овој проект е вграден и во конечната верзија за ЛЕАП за општина Сопиште. Следно што треба да се направи е да побараат донатори од земјата и странство.



Канализација


Во Општина Сопиште организирана фекална канализација е изведена на мала површина од зафатот на источниот дел на населбата Припор со ф 300 и две со ф 250, додека атмосферска канализација воопшто не постои. Тоа значи дека само околу 30% од жителите на Општина Сопиште се поврзани на јавниот канализационен систем. Отпадните води од домаќинствата, најчесто преку технички неадекватни канали, нужници и септички јами, одат директно во водните текови, во почвата, а во некои случаи изводните канали течат на отворени бразди по улиците и дворовите.




Фекалниот одвод е решен во секоја куќа индивидуално преку индивидуални септички јами во 40% и фекални јами (кај 60% од населението). Биолошкото оптеретување изнесува 54 гр/ж/ден односно вкупно БПК5 изнесува 270 мг/л. При користење на вода 200 л/ж/ден отпадна вода изнесува 0,97 л/сек, или 84096 л/ден. Според пресметката на потрошувачката на вода во домаќинствата, месечно се испушта 10м3 вода зимно време и околу 20м3 вода летно време во отворени реципиенти. Од овие параметри се наведува заклучок дека отпадните води од домаќинствата користени повеќе од 40 години ги загадуваат водотеците, почвата и подземните води во близината, што е и причина за загадување на животната средина и природата, зголемување на ризикот по здравје на луѓето и намалување на квалитетот на живеењето. Од медицинска гледна точка појавата на отворени фекални водотеци летно време се зголемува ризикот од појава на маларија, а последниве 2 години се појавуваат роеви на комарци, што би можело да доведе во иднина и до оваа болест, доколку не се спроведат мерки.

Атмосферската канализација, како и фекалната, не е организирана воопшто. Единствено постои атмосферска канализација со должина од 700 м во почетокот на општината од кај Кисела Вода. Атмосферските води од улиците, крововите и останатите површини во населбата слободно се испуштаат по теренот, бидејќи не постои соодведна атмосферска канализација која ќе врши собирање и евакуација на овие води. Според мислењето на 81% од жителите комуналната состојба на селата е несредена, а од нив 20% сметаат дека немањето канализација е причина за тоа.

Страна: |:1:|:2:|

 




Општина Сопиште
тел/факс: (02) 274 3032
(02) 274 3031
~~~~~~~~~~~~~~~~
Советодавно Биро на Општина Сопиште
тел/факс:(02) 274 2292
~~~~~~~~~~~~~~~~
Еколошки Информативен Центар во Сопиште
тел/факс:

 

^ top ^

© 2003 Општина Сопиште, сите права задржани