Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!



 


Проект:
“Еколошки Информативен Центар во Општина Сопиште”



Во услови на постојан развој на граѓанското општество, се јавува потребата од воведување на нови начини за поголемо учество на граѓаните во процесите на демократизација, поголема информираност, надминување на пасивната улога на оние кои се директно инволвирани во проблемите и поголемо учество во развојните проекти на општините. Потребата од активна комуникација помеѓу самите жители и, секако, помеѓу жителите и локалната власт, е голема, особено во општини каде постои недоволна циркулација на информациите. И двете структури влијаат на процесите за разрешавање на постоечките проблеми, но сепак не постои квалитетна заедничка соработка и постојана циркулација на информации кои би овозможиле поголема отвореност на општината кон жителите и секако поголема спремност на жителите за решавање на проблемите во општината.

Општина Сопиште е соочена со значителен број на еколошки проблеми кои доведуваат до деградација на основните природни добра на самата општината. Според анализите на стручните тимови и работните групи кои учествуваа во изработката на ЛЕАП документот (Локален Еколошки Акционен План), утврдена е голема еколошка необразованост на вработените во институциите на општината и на жителите од општината, а кои во истовреме се однесуваат кон локалните проблеми како кон незабележителни проблеми. Во анализата на состојбите, како и според јавната анкета спроведена во општината, ниската еколошка свест во општината се рангира на четвртото (4-то) место во проблеми на општината, а во листата на приоритетни работи за решавање котира исто така на високо место.

Во исто време, незадоволството кај жителите се повеќе расте особено заради фактот што тие не познаваат начини како да помогнат во решавањето на одредени еколошки проблеми. Недоволната информираност секогаш потекнува од незнаење, проблеми, неквалитетна работа и стагнација во развојот. Како почетен чекор за соработка на локалната самоуправа и населението е проектот “ЛЕАП за Општина Сопиште”, преку кој жителите идентификуваа проблеми и дадоа насоки за надминување на еколошките проблеми. Неопходно е комуникацијата да продолжи и жителите активно да учествуваат во проектите на Општината.



Општа цел на проектот


Проектот има цел да овозможи подобра комуникација и соработка помеѓу Локалната Самоуправа, граѓаните и невладините организации во општината, односно подобар пристап на жителите на општината до информации за состојбата со животната средина, едукација на населението, подигнување на јавната свест и развивање на иницијативи за решавање на проблемите. 



Конкретна цел


Конкретна цел е отварање на Информативен Центар во Општината, кој би овозможил размена на информации, совети и насоки за полесно разрешување на проблеми од област на животната средина, преку контакти на сите жители на општината Сопиште со Локалната Самоуправа и невладините организации.



Задачи

Отварање и опремување на Еколошки Информативен Центар,

Информативниот центар претставува сервис на граѓаните, односно нов начин на обезбедување на информации и услуги. Тој е дефиниран како отворена канцеларија каде можат да се добијат сите информации за моменталната состојба со животната средина, простор каде можат да се изложат конкретни проблеми и да се пронајдат решенија кои ќе помогнат во развојот на заедницата. Вработените во Центарот овозможуваат во пријатна атмосфера да се прочитаат бараните информации, да се забележат податоците на заинтересираните граѓани и нивното барање врз основа на кое ќе дадат одговор, насоки или упатства за понатамошно решавање на проблемот. Оттука се контактира со училиштата и со населението и се организира изработка на едукативен материјал (постери, брошури, блокови со еко-пораки). Во моментов, Центарот располага со телефон и два компјутера со интернет пристап на кои двете одговорни лица вршат дел од активностите и формираат база на податоци која ќе им биде доставувана од страна на жителите од Општината. 

Населението ќе може преку интернет да се информира за одредени прашања од животната средина. Во Центарот ќе се следат параметрите како показатели за моменталната состојба на влажност на воздух, температура, загаденост, преку секојдневни контакти со Информативниот центар на МЖСПП, ЕСП на Министерството за животна средина, Управата за хидрометеоролошки работи и сите останати релевантни институции. Центарот ќе дава и контакт информации: адреси и телефони од институции во Градот кои делуваат во област на заштита на животната средина на услуга на жителите на Сопиште. Сите информации за општината и за проектот во истовреме ќе се пласираат и на ВЕБ страницата на општината.


Формирање на библиотека со пропаганден материјал

Центарот ќе располага и со библиотечен фонд од брошури, книги, прирачници, извештаи од активности и проекти на Општината, како и други информативни материјали и списанија за животна средина од невладините организации и меѓународните организации и фондации, потребни за информирање на жителите. Луѓето дојдени во Центарот ќе можат да ги прочитаат пропагандните материјали и дневните весници што ги нуди Центарот, со цел да добијат нови информации за состојбата со животната средина, да остварат контакти со претставници на Локалната Самоуправа, со Министерството за животна средина и просторно планирање, ЕСП-ЛЕАП или со други релевантни институции во однос на поставен проблем, да побараат совет или да дадат предлози за подобрување на работата на Општината или на Секторот за развој на општината. 


Организирање на средби околу одреден проблем

Состаноците во Центарот ќе се организираат по барање на жителите или претставниците од локалната самоуправа, на дадена тема, при што вработените лица ќе закажат средба и ќе ги информираат двете страни. На овие средби жителите ќе ги изнесат своите проблеми, мислења и ставови и ќе разговараат за одреден проблем, да изложат свои идеи и решенија, со што ќе им се овозможи активно учество во проектите на Општината, контакти со многубројни владини и невладини организации и организирање на отворени трибини и предавања на теми од стручни предавачи.


Едукативни активности: трибини, предавања, посети

Невладините организации, пак, можат да организираат настани и акции преку Центарот, да остварат контакти со основните училишта и со граѓаните. Планираме да организираме предавања со стручни лица и претставници од невладини организации на теми кои се однесуваат на заштита на животната средина. Центарот ќе организира и серија од посети во Природнонаучниот Музеј на Македонија во Скопје, пештерите на Водно, Дрисла, како и посети на природните убавини во општината, но и на загадени места каде што жителите со свои очи ќе се запознаат со проблемите. 



Очекувани резултати

Проектот ќе допринесе за:

* поголема информираност на жителите за еколошките проблеми;
* поголема едуцираност за различни прашања;
* подобра комуникација со Локалната власт;
* разрешување на проблеми од непосредната околина;
* подобрување на квалитетот на живот.


На овој начин, преку организирани акции, ќе се зголеми јавната свест за решавањето на еколошките проблеми и жителите ќе почувствуваат дека се битен дел од општината, т.е. дека нивниот глас допринесува за подобрување на условите за живот.

Контакт: eikos@sopiste.gov.mk

Симни брошура

 




Општина Сопиште
тел/факс: (02) 274 3032
(02) 274 3031
~~~~~~~~~~~~~~~~
Советодавно Биро на Општина Сопиште
тел/факс:(02) 274 2292
~~~~~~~~~~~~~~~~
Еколошки Информативен Центар во Сопиште
тел/факс:

 

^ top ^

© 2003 Општина Сопиште, сите права задржани