Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!



 


Стопански капацитети


Основна стопанска гранка во оваа општина е земјоделството, т.е. примарен сектор на стопанството. Сточарството е слабо развиено. Населението нема организиран развој на сточарство, но индивидуално, домаќинствата имаат по некој добиток. Сточниот фонд е застапен со околу 2000 овци и 100 говеда, сите во приватна сопственост. Сточарството е најмногу развиено во Патишка река и Држилово, но од полуномадски тип. Рељефот овозможува да се планира сточарство во поголеми размери. Капацитетите од секундарниот сектор не се застапени, а во терцијалниот постојат неколку трговски и угостителски објекти. 

Во стопанско - географски поглед, општината Сопиште се карактеризира со хетерогена структура на аграрно земјиште, малосопственичка структура на аграрниот фонд, застапеност на различни типови на земјоделско производство, низок степен на хемизација и механизација во земјоделското стопанство. Од друга страна отсуствуваат посериозни стопански активности, освен приватни фарми и мали стопанства во форма на 35 колонијални продавници во индивидуални куќи, занаетчиски мали стопанства, 5 угостителски објекти, неколку сервиси, 2 земјоделска аптека и мали лозарства. 

Има неколку посериозни стопански објекти на стопанства со седишта во Скопје, а дејствуваат и експолатираат на територијата на општината, како што се ЗИК Скопско Поле, ПТТ, Ветеринарна станица... Од локално базирани стопанства со дејство во сопствената општина е претпријатието З.И Сковин, кое се занимава со производство на вино и преработка на грозје, поседуваат лозни површини, а одгледуваат житни и градинарски култури (бадеми, дуњи и сл.). 

Од надворешни стопанства со екстериторијално дејство се следниве претпријатија:


* Цементарница Усје поседува површински коп за песок на месноста Шевоец (Припор) со интензитет на експлоатација од 40 години. Актуелното експолатирање со користење на техника со минирање на теренот во голем број денови го нарушува квалитетот на живеењето кај жителите на Долно Соње, Говрлево, Брзовец, поради загрозеноста на објектите за живеење од сеизмолошките потреси; 


* Поранешен површински коп на кварцен песок на поранешната Стакларница Скопје е во најсеверниот дел на општината, во северозападниот дел на с. Долно Соње. Од поранешната експлоатација на теренот се останати вдлабнатини со нееднакви форми. Денес местото неофицијално е простор за фрлање смет, хаварисани возила и градежен шут;

* Површински коп кај Брезница за експлоатација на бентонит (глина) на “Електростопанство на Македонија” за потребите на браната и хидроакумулацијата Козјак. Истиот не е веќе во употреба, но опфаќа површина од 500м2;

* “Македонски шуми” стопанисува со шумскиот фонд во рамките на општината, користејќи ги покрај тоа и патиштата на Општината. Интензитетот на експлоатација е 45 години;

* Со 70% од својата териоторија Санитарната регионална депонија “Дрисла” влегува и во Општина Сопиште, но поради регионална важност има екстериторијален статус. Останатиот дел на депонијата во 30% е лоциран на општина Студеничани. Депонијата “Дрисла”, за пошироки (Балкански) услови, е организирана многу добро и е со релативно висок технички стандард. Депонијата работи само 5-6 години. Депонијата не влијае на квалитетот на воздухот поради насоченоста на ружата на ветрови;

* Фармата “Белимбегово” - погон Маркова Сушица се наоѓа меѓу Општина Сопиште и Општина Студеничани. Иако не припаѓа во атарот на општината сепак, потребна е за основање на соработка заради следење на евентуалното влијание врз животната средина;

* Ветеринарната станица “Сопиште” која е изградена и формирана во 1959/1960 година за потребите на месното и локалното население ги извршува сите неопходни работи за заштита како на животните, така и на луѓето во вид на превентива и лекување. Станицата располага со сопствена прирачна аптека. Ветеринарните услуги ги врши во станицата и на терен секој ден од 07 - 14:30 часот освен недела, а за сите итни случаеви станицата интервенира и во попладневните и ноќните часови, како и во недели и празници. Ветеринарната станица “Сопиште” опслужува 23 села и дел од приградските населби. Контакт телефонот во станицата е (02) 2742-194.

* ЈКП - Сопиште кое првично работеше од 1 мај 1997 година до 15 февруари 1999 година. Поради нерентабилно работење претпријатието е затворено во 1999 година за да на 1 април 2002 година повторно е обновено од страна на Советот на Општина Сопиште. Во моментов претпријатието секојдневно ги врши своите работни дејности, т.е. го собира сметот во населените места во Општината Сопиште. Претпријатието исто така превзема мерки за чистење на некои диви депони од кои две веќе има исчистено. Тоа се депониите кај месноста Соње на патот спроти касарната на АРМ и депонијата помеѓу селата Ракотинци и Добридол покрај главниот пат. Депониите се комплетно исчистени и се заградени со мрежа за да не се случи повторно фрлање ѓубре на нив од несовесните граѓани. Оваа иницијатива беше потпомогната и од Министерството за животна средина и просторно планирање, како и од општината Сопиште. Во насока на подобрување на условите за фрлање на сметот од страна на граѓаните во општината, претпријатието ЈКП “Сопиште” во соработка со општината ќе им додели канти за отпад. Исто така ЈКП има иницијатива за превземање на водоводната мрежа за нејзино одржување, за одржување на локалните патишта со опремени возила и за одржување на фекалната канализација. 

 




Општина Сопиште
тел/факс: (02) 274 3032
(02) 274 3031
~~~~~~~~~~~~~~~~
Советодавно Биро на Општина Сопиште
тел/факс:(02) 274 2292
~~~~~~~~~~~~~~~~
Еколошки Информативен Центар во Сопиште
тел/факс:

 

^ top ^

© 2003 Општина Сопиште, сите права задржани