Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Пандо Кљашев

V.

Посериозно организириње на реонот. Васил Чакаларов

22 април

Дотогаш само се регрутираа членови, без да се организираат со намера еден ден да се искористат. Со луѓето во секое село раководеше оној кој ги примил во Организацијата. Вистински раководни тела се формираа во текот на 1900 година. Дотогаш опфатените членови еден со друг не се знаеја. Тајната се чуваше и пред жените. Во секое село кај што имаше повеќе членови, се формираа раководни тела во кои влегуваа по четворица, примени меѓу првите. Четата почна да ги обиколува селата и да држи собранија на кои примените членови се запознаваа меѓу себе. Се назначија десетници кои ја собираа членарината. Сега веќе кога ќе се примеше некој требаше да си набави оружје на своја сметка. Раководните тела не се занимаваа со тоа. Секој си купуваше пушка од арнаутите.

По убиството на Сотир. Коте со групата - четворицата - повторно се прибра во Кономлади. Павел гледаше дека таа група нема да биде од полза, а знаејќи го карактерот на секој од нив и знаејќи дека се прилично компромитирани со откажувањето од Марко и со постојаното работење за пари, одлучи да ги отстрани од реонот. Преку свои луѓе успеа да ги убеди да се тргнат оттаму, откако им даде пари. На Коте му предложи да го пренесе во Бугарија, а слично планираше и за другите. Коте навистина тргна во Бугарија. Вељо сакаше да оди во Демирхисарско, во тамошното реонско раководство. Нако беше испратен во Грција. Низ Леринско Котета го водеше Тане од Горничево со уште еден курир. Тие пукале во Коте, но не го погодиле (очигледно имале таква наредба). Тогаш Коте се врати во Костурско, не верувајќи веќе, речиси, во ништо. Вељо отиде во Битола. Коте од курирот Тане бил ранет во вратот и останал да се лечи по селата. Тоа се случи во октомври 1900 година.

Во овој период, по препорака од Битола, почна да се организира канал за снабдување на Битолско со пушки од Грција. Павел Христов го испрати Манол Розов, кој само што беше завршил гимназија, во Солун и Атина, а оттаму во Лариса за да го организира каналот. Но, Манол не успеја зашто не знаеше грчки, ниту имаше искуство, и се врати назад. Тогаш Борис Сарафов, во договор со Делчев и Ѓорче Петров, од Бугарија го донесе Васил Чакаларов. Тој му дал 25 наполеони за да го направи каналот во Грција за пренесување пушки, додека Павел Христов требаше да го среди истото на турска територија.

Васил Чакаларов е роден во Смрдеш и беше првиот кондураџија, опинчар. Како младинец беше буен и со другарите правеше многу врева. До првиот клас одеше во грчко, а првиот клас го учеше во бугарско училиште. Во црковните борби живо учествуваше. На 23 април 1893 го наклеветија дека учествувал во обесчестувањето на грчката учителка во Смрдеш. Од затворот избега во Бугарија - се криеше околу 3 месеци по арнаутско, по Деволт (Чакаларов убаво зборува грчки и прилично добро арнаутски) - стаса и до Софија. Немаше работа. Му се врати на својот занает и зеде една барака на Витошка улица и почна да прави чевли. Потоа беше каменорезач, главно во Шумен, па претприемач за каменорезачи по мостови (правел мост на Искра при што загубил прилично) и најпосле станал надзорник на железничката линија кон станицата Лакатник; ги надгледувал работниците на линијата за Мездра. Од таа работа Сарафов во октомври 1900 година го испрати Чакаларов во Грција и тоа по препорака на ресенскиот реонски началник, Кокарев.

Во Грција Чакаларов прво слегол во Лариса, кај што има наши овчари и брзо сфатил дека канал може да се организира. Во Атина се сретнал со Розов, кој, пак, мислел дека не може. Откако Сарафов преку Делчев му соопштил на ЦК дека Чакаларов може да ја заврши таа работа, ЦК го ополномоштил Чакаларов да ги усогласува постапките со Розов. Чакаларов заедно со Лазо Киселинчев од село Косинец, околу кого во Атина се збираа членовите на Комитетот од истото село, преоблечен во Арнаутин отишол да преговара со изговор дека божем дошол од арнаутско да набави оружје, за да организираат божем арнаутско востание. Чакаларов на грчките трговци кои тргувале со пушки на браќата Малзиниоту во Атина, им кажал дека е родум од Јанина. Со нив зборувал полу грчки, полу арнаутски. Едниот од браќата рекол: знај, ако разбереме дека си Бугарин, не само што ќе престанеме да ви даваме пушки, но и ќе се одмаздиме. И илјада драхми да ни давате за пушка, ако е за бугарскиот комитет нема за продавање. Но, Чакаларов ги убедил дека тоа е чисто арнаутска работа. Пушките ги пазариле по 16 или 19 драхми. Се согласиле пушките да ги даваат трговците во Волос и Трикала, а за парите да се грижи Чакаларов. Ја средиле работата во Волос, а оттаму во грчко Трново, кај што трговците му ветиле дека ќе го олеснат пренесувањето на пушките. Се согласиле и да го поткупат цариникот со 20 наполеони, за да не се забележи дека толку пушки, илјада пушки. минале низ тој пункт и да не се запишат како износ. По овој договор, Чакаларов заедно со Розов пак се враќа во Атина, кај што добива 220 наполеони испратени до Розов од Солун, за првата зделка.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik