Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Борис Сарафов

IV

Меморандум до европските владетели и до султанот. - Основање на весникот „L`Effort“ во Париз. - Сарафов кај генерал Куропаткин. – Формирање на „стрелачки дружини“. - Сарафов кај рускиот пратеник во Софија Бахметјев. - Апсење на Сарафов и на неговите другари од Комитетот.

Не милувавме многу да се плеткаме со дипломатија, но честопати беше потребно и тоа. Еден Англичанец ни велеше дека би можело да се добијат средства од Англија, до 4-5 милиона, но за тоа требало да се испрати до европските сили еден меморандум, со кој да се бара извршување на чл. 23 од Берлинскиот договор, па потем самите да си ги бараме правата. Напишавме и испративме еден меморандум до самите европски владетели, со препорачано писмо по пошта, а еден и до султанот. Меморандумот до султанот беше категоричен: или мир или војна. Во меморандумот до владетелите главно се бараше извршување на Берлинскиот договор. Имавме на ум некој од Комитетот да отиде во Англија, за да се сретне пак со оној Агличанецот, но не бидна ништо. Јас двапати одев во странство - за купување на оружје и за основањето на весникот „L`Effort“. Ние обрнувавме големо внимание на нашата пропаганда во Европа. Тој весник не чинеше 5-6.000 франка. Симеон Радев ни изврши исто така услуги. Моето трето заминување во Русија беше во 1900 год. во месец април. Токму тогаш за Русија заминуваше нашиот воен брод „Надежда“. За таму беше тргнат Паприков. Тогаш се говореше и за Бургас - Варна. Јас тогаш се наоѓав во Русе, и набрзина решив да заминам и јас во Петербург. Сакав да ја појаснам положбата на пријателите на револуционерното дело - на гроф Игнатиев, Башмаков, баронесата Дистерло, Леонтиев, Харузов (во географското друштво) и др.. Го посетив и Куропаткин. Тој ме прими студено. „Что ви делаете?“ Јас му кажав дека веруваме во неговите длабоки симпатии спрема нас. „За нас се пролеаја неколку капки од вашата крв, а ние Македонците останавме последните робје“. Му ја опишав неподнесливата положба, и дека најпосле може да дојде до вивнување на востание и слично. Тој решително, остро, ми рече да не правиме глупости, оти Турција ќе не здроби, дека Русија е зафатена на Далечниот исток и слично. Тој беше остар, не ме покани ни да седнам, и ми зборуваше стоејќи. Јас не му реков дури и збогум - излегов и веднаш си заминав со експресот за Ница. Куропаткин по моето излегување го прашал по телефон Станчева, кај живеам. Јас се исплашив да не ме екстернираат, и побрзав да си отидам. Моите впечатоци од Петербург беа такви, дека таму имаше еден кружок од пријатели, што ни сочувствуваа, на кои Паприков им беше рекол дека ние можеме да им организираме станица за јаглен во Варна и Бургас, но дека во случај на движење во Македонија, - дали Бугарија може да смета на поткрепата од Русија. Не му било одговорено ништо одредено, и останало така само на разменување на мисли.

Тоа беше во 1900 г., ми се чини во март или април. Поминав преку Виена за пушките. Се одбив во Штаер, каде оставив човек да раководи со работата. Потем таму нарочно одеше Софрониј Стојанов, за да ги презема една по една. Ги пренесовме по Дунав, - минаа небаре носиме модер камен за државните лозја.

Кога се вратив, по конгресот активноста продолжи. Се засилуваа активности за собирање средства. Кон крајот на 1900 год. се зафативме да формираме стрелачки дружини. Им ја оставивме таа работа на воените, тие да ги обучуваат и вежбаат - Јанков во Шумен, Николов во Варна, Протугеров во Русе, Јорд. Венедиков во Плевен, тука Гаруфалов и Д. Венедиков. Потем се менуваа на смена и други офицери од братствата. Купуваме пушки кримки и за стрелачките дружини. Беше соборен Радославов, кој не ги извршуваше инструкциите од кнезот за вршење на репресалии против нас. Стрелачките дружини ги штрекнаа и дипломатијата и турската влада. Дојде до голем притисок. Се случи и аферата со Михаиљану. Во тоа време ме повика рускиот дипломатски агент Бахметјев. Тој сакаше да ме подзаплаши и да ме посоветува. „Отидовте многу далеку - ми рече тој. - Клучовите за македонското прашање се во Петербург. Какви се тие дрпања на пари со сила? Сета ваша работа е само студентска фантазија. Тоа создава во Европа лош впечаток. Па и во Русија, затоа што ако сторите нешто, нема да ви помогне, бидејќи Русија е зафатена на Далечниот исток. Ме советуваше да си дадам оставка.

Јас му одговорив дека присилното собирање на пари е систем на кој не натера со своите неискрени постапки токму дипломатијата. Ако ние самите не се нафатиме со нашето ослободително дело, дипломатијата нема да ни помогне. Дека тој нема право да се меша во таа работа и сл.. Мојот одговор му се стори дрзок. „Кога ме наговарате да си дадам оставка, реков, треба да имате и кандидат што ќе ме замени“. Тој ми рече дека Ризов бил погоден човек за тоа. Јас му одговорив дека тој не може да успее. Тогаш Бахметјев ми рече: „Штом е така, и вашата организација тука, и онаа таму, ќе се сторат прав и пепел“. И така стана. По некое време дојде владата Каравелов - Данев и министерот Сарафов ме уапси, а истовремено и во Солун ги уапсија членовнте на Комитетот.

Ние го предвидувавме тоа. Ѓорче беше уште во Трново; Делчева го немаше. Тој дојде, но веќе и тој не доаѓаше кај нас, поради Ѓорче. Решивме да се тргнеме од Комитетот, со тоа што ќе заминеме внатре во Македонија, и тука да оставиме наши заменици, се разбира, ами кои други, ако не пријателите со кои се бевме договарале пред да влеземе во Комитетот, а имено Цончев и неговите другари. Зборувавме за тоа што може да се очекува, и ги прашавме дали се готовни да ја преземат работата во свои раце. Цончев се искажа дека е готов (во декември 1900 год.). За да го сондираме теренот, како ќе се одрази ова во Бугарија, им го соопштивме тоа на носителите на политичките партии. Кога слушнаа за тоа, кренаа голема врева: „Што? Организацијата во рацете на луѓе на дворецот?!“ Симеон Радев дојде од Европа и ми рече дека сега, кога нашето дело тргнало толку добро во Европа, сега сосем ќе се компромитира, кога ќе се најде во рацете на официјални личности. Во меѓувреме, Цончев беше отиден во Видин за да си даде оставка. Увидов дека навистина ќе биде лошо ако на чело застанат старите офицери, и веднаш му напишав на Цончев, трудејќи се да му докажам дека ќе има голема опозиција, и му го докажував тоа со повеќе телеграми и писма и сл.. Предлагав околу нас да се приберат двајца-тројца од помладите офицери, да се запознаат со активностите, па кога ќе не уапсат, привремено да работат заедно со другарите од Комитетот, за кои знаевме дека нема да бидат уапсени. Наместо да се согласи со ова, Цончев напротив си даде оставка заедно со Јанков и Николов, а пак младите офицери Протугеров, Стојанчев, Дарвингов беа задржани на воена служба. Побаравме мислење од Делчев. Тој се искажа решително против: „Нема да допуштиме офицер во Организацијата и во Комнтетот. Ако на чело застане Цончев и вие заминете во Македонија, ќе ве пречекаат бајонетите на Организацијата“. Делчев се врткаше и меѓу социјалистите кои беа особено против офицерството, а од друга страна се наоѓаше под влијание на Ѓорче во Трново.

Меѓутоа, уште пред да не уапсат нас, ги уапсија членовите на Комитетот во Солун. Од солунскиот Комитет добивме непотполнети бели листови, подвлечени, со порака да си напишеме сами полномошно за да влеземе ние внатре, и да го замениме Централниот комитет, за чиј состав да влезат лица што ние ги сметаме за погодни. И покрај тоа, Делчев беше против. Тој велеше дека не ги признава тие работи, тоа решение на Солунскиот комитет, што било донесено во момент на неговото апсење. И навистина оние во Солун си помислиле дека пропаѓа сe кога ќе ги уапсат. Тие ни предлагаа да формираме еден подвижен ЦК, во чиј состав да бидам јас, Делчев и Ефрем Чучков. Но бидејќи Делчев се спротивставуваше на тоа и постоеше такво расположение (тогаш под негово раководство беа четите, тој беше назначен за инспектор на четите), од тоа не бидна ништо. Делчев веќе не сакаше да се дружи со нас, затоа што се сомневаше дека имаме поголема блискост со Цончев, одошто со Внатрешната организација. Дојдоа Цончев, Николов, Јанков (во цивилно) и Протугеров, Стојанчев, Дарвингов и др., и се собравме на седница. Присутни беа и С. Радев, Страшимиров, Гологанов и нашиот Комитет. Сакаа да го слушнат нашето последно мислење. Меѓу нас беше Саракинов, човек на Цончев, што бараше да одиме докрај со Цончев. Ние известивме дека во март 1901 година за секој случај ќе биде свикан конгрес. Цончев со својата компанија побараа да ги кандидираме на претстојните избори за идниот Комитет. Офицерите и Цончев и компанија настојуваа да се согласиме со таа комбинација, така што во извесна смисла и ни го наложуваа тоа, дека тоа треба божем да го сториме од другарска, офицерска солидарност, затоа што најпосле Цончев и компанија можеле да бидат на чело на Комитетот и порано. Јас им одговорив дека не можам да се согласам да стане таква официјална смена на Комитетот, но се согласувам да доаѓаат и потоа, дури и на Комитетот, па како и порано да дејствуваме во слога. Тоа не им беше пријатно. Цончев дури ме запраша: „Вие и заповедате тука?“ Му одговорив дека во својство на претседател на Комитетот, обврзан да ги пазам интересите на делото, јас заповедам. Цончев одговори дека тие нема да се согласат со таква заповед. На тоа јас им ја покажав вратата, - и ги избркав. Раскинот беше потполн. Тие ми се заканија дека од утре ќе бидат опозиција. Им одговорив нека повелат, само нека бидат опозиција врз база на принципи, а не на амбиции. И навистина тие уште утредента низ цела Бугарија разгласија дека имало големи злоупотреби. Тоа беше нивни маневар (тоа стана вечерта на 13 март, 1901 г.). Јас распратив телеграми дека луѓето Јанков, Мурџев и Саракинов се отпадници, па друштвата да не им укажуваат доверба.

Истовремено владата беше против одржувањето на конгресот. Не им дозволуваа на учителите да дојдат на конгресот. Отидов кај Каравелов, и го запрашав каков демократ е тој, кога не им допушта на учителите да дојдат на конгресот! Дали тој е, на чело на демократијата, или е само извршител на заповедите на кнезот? Каравелов сиот растреперен ми рече: „Ќе видиме, ќе видиме.“ Си отидов. Нашата положба беше трагична: ги оттурнавме своите блиски другари, офицерите што помагаа, токму поради споменатиот принцип, имено дека Внатрешната организација не сакаше да прифати на чело на Комитетот официјални лица, блиски до дворецот и до официјалните сфери во Бугарија, а од друга страна поради Ѓорче, и оние собири што ги правевме со Цончевци, додека дојде до раскинот, си ја натоваривме омразата од Делчев; од трета страна владата го спречува конгресот, одземајќи ни ги најнадежните сили - учителите. Владата, бидејќи предвидуваше оти ќе победиме на конгресот, ненадејно не уапси на 24 март вечерта, -15 дена пред конгресот, за да не можеме да се оправдаме, отфрлувајќи ги на конгресот изнесените клевети против нас.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik