Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Анастас Лозанчев

VI

Софија, 1930 год.

Се објави востанието и тоа, кое што се очекуваше, се случи. Ние никогаш не сме мислеле да ја исплашиме турската држава, туку сакавме да предизвикаме интервенција. Ако сакавме да правиме нешто повеќе - требаше да дадеме повеќе жртви. Борис Сарафов предложи да ја нападнеме Битола, но тој немаше предвид, дека градот имаше над 70 илјади жители и многу војска. Еден таков напад можеше да има за последица убивање на голем број луѓе, нешто кое што се случи - само во помал сразмер - на Ѓурѓовден истата година.

Пере Тошев пристигна на 15 мај 1903 г. со пасош од Бугарија до село Кукуречани заедно со Милан Биолчев, до каде патувале со пајтон, а оттаму ја фатиле шумата. Во тоа време бев на пат за Смилево. Не можам да се сетам каде се сретнавме со Пере, но со него поминавме доста време во Златарската курија, на Црни врв. Таму беа Даме Груев и Борис Сарафов. Еден  ден Пере и Даме пак се скараа за нешто, по што Пере со неколку товари пушки замина за Прилепско.

Во првите денови на востанието турската војска не мрдна. Во Ресенско четите водеа борба над Шурлинец, на Галичица. Јас се движев обично со двајца четници. Заминав за Смилево и пак се собравме тројцата: јас, Даме и Борис Сарафов. Првиот ден на востанието имаше напад и паднаа многу турци. Првата вечер на востанието, во Битолското поле беа запалени многу огнови, што можеше да се набљудува од височините. Беа запалени и многу турски кули, тоа продолжи неколку ноќи. Прекинати беа телеграфските врски и во текот на првиот ден немаше никаква врска, парализирано беше секакво движење на турските единици. Курири непрекинато донесуваа соопштенија за извршени акции во различни места. Се разбира, дека никаде не беше извршено нешто посебно. Чудеса не се направија, ниту пак се очекуваше да се направат, затоа што ние не можевме да ја уништиме самата империја, ниту пак тоа го мислевме. Но општо земено, тоа што беше замислено, се случи. Во Смилево останаа Даме Груев и Борис Сарафов, а јас вториот или третиот ден на востанието, придружуван од двајца четници заминав преку Демирхисарско за Кичевско. За таму се упативме на коњи, запленети од турците. Во Демирхисарско не можев да се сретнам со никого од војводите, но во Кичевско се видов со Лука Џеров, Наки Арсов и други и со нив обиколивме многу места. Борби не се случија. Турците започнаа да ги утврдуваат своите села, не излегувајќи од нив. Се говореше, дека се готват да нападнат откај село Јама, Дебарско. Но тоа не се случи. После се вративме одново во Смилевско и разбравме, дека се водела борба. Војските откај Призрен не беа уште пристигнати. Започнаа да предаваат оружје и го повикав Георги Сугарев да заминеме за село Реотино, но тој откажа.

Уште во текот на првиот ден на востанието почна да се чувствува голема потреба од ѓон. Преку еден фурнаџија од село Магарево, Битолско, наредив да се откупат околу два товари ѓон. Доставката беше исполнета, но турците дознале за неа и го убија фурнаџијата.

Се движев нагоре-надолу и пак заминав за Демир Хисар, каде што го сретнав Димитар Дечев. Војските веќе беа започнале да настапуваат, а ние - Даме,.Сарафов и јас - по борбата во Крушево се собравме одново на планината Бигла, каде што имаше многу чети од Ресенско. Тука турците почнаа да не гаѓаат со топови, но пукањето им беше неточно. После аскерот помина покрај нас, без да не забележи, а можеа да не погодуваат дури и со камења. Војската, којашто напаѓаше, беше околу 10 илјади души. Турците напаѓаа од сите страни. Тогаш тие се закануваа, дека како што "чешелот минува преку брадата, така ќе ги претресат шумите и ќе не испофаќаат". Таа закана тие не можеа да ја исполнат.

Општо земено во текот на целото востание не беа дадени многу жртви, а кога турците започнаа да напаѓаат со големи сили, ние го натеравме населението да се обезбеди со резерви со храна. Аскерот започна да потпалува по неколку села наеднаш. Кога пристигнаа војските на Бахтиар паша, ние се наоѓавме по височините на Бигла планина. Турците запалија дел од село Смилево, а ние заминавме за Ресенско. После пак се вративме во Смилево. Тогаш аскерот уби многу мажи и жени. Наскоро се водеше и последната борба во село... (сум го заборавил името). Сега веќе почнаа предавствата.

Се наоѓавме на една височина, кога не нападна аскер. Бевме предадени од селските патроли. Кога не нападнаа турците, јас спиев и тие се доближија на неколку чекори до нас. Кога ги видовме, ние 5-6 души удривме надолу, а останатите другари не видов во кој правец избегаа. Јас не успеав да ја земам дури ни мушамата. Тука загина еден мој братучед, а сите останати, кои се упатија кон височината - со исклучок на еден, кој се скрил во еден жбун, беа испотепани. Матлиев одеше пред мене, јас бев болен. Турците пукаа од двете страни. Посакав да се скријам во некој шумак, но после расудив, дека ако тие пребараа лесно можеа да ме откријат. И така продолжив да одам. По едно време се залетував да паѓам, но голтнав лимонова сол и се созедов. Десетте наполеони, кои ги носев со себеси, ги закопав во едно лозје, затоа што не мислев, дека ќе останам жив. Но по чудо останавме живи и стигнавме во Смилево.

Претпоставувам, дека предавството е извршено во самото село и дека сме биле предадени од патрoлите. Уште при првиот турски плотун еден куршум го погоди мојот патрондаш, разбивајќи 7 патрони, но не можеше да ги запали. Куршумот остана во патрондашот. Во таа борба за чудо турците не можеа да не отепаат. Но ако беа повешти во пукањето, ниту еден од нас немаше да се спаси. Се наоколу беше поцрнето од војска.

Кога стигнавме во Смилево, можев да се преоблечам; ние имавме натрупано на тајно место облекло, опинци и др. Наскоро турците не открија и одново не нападнаа. Тогаш Георги Сугарев изјави, дека ќе гледа да се скрие во некое од скривалиштата и во истото скривалиште се скрив и јас. Но не помина многу време и се расколебав и кажав, дека не ми се умира тука и покрај тоа што аскерот беше близу, излегов од скривалиштето и се скрив во едно долче. Турците не ме забележаа и покрај тоа што се движеа од двете страни на долинката и пукаа во сите правци. Тие од едната страна се движеа на околу 10 чекори растојание од нас, а од другата - на 20 чекори. Местото, кадешто се скрив, беше отворено - ретка горичка и турците не ни мислеа, дека таму може да се скрие човек.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik