Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Анастас Лозанчев

I

Софија, 1930 год.

Роден сум на 8 април 1870 г. (ст. ст.) во Битола. Татко ми се викаше Диме Лозанчев, а мајка ми Анча. Тој се занимаваше со крчмарство и трговија, а имавме и зеленчукова градина којашто ја дававме на исполица.

Петти клас завршив во Солунската гимназија во 1885 г. Соученици ми беа Христо Матов, Јосиф Ѓакончето, Александар Чакаров и др. Откако завршив петти клас, се прибрав во Битола каде што престојував извесно време, а во 1887 г. заминав за Софија и стапив на работа кај фотографот Карастојанов. Но наскоро се разболив и се вратив во Битола. После заминав за Белград, каде што купив фотографски апарат (машина). Пред тоа во текот на две години (1891/1892 г.) бев учител во селата Могила и Смилево, Битолско. Во последното село учителствавме заедно со Лазо Лигушо и Неделко Дамјанов, а во село Могила учителствав сам. Учител станав, затоа што бев заболел, но после одново станав фотограф. За време на мојата револуционерната дејност овој мој занает служеше за заскривање. Во наредните месеци ги обиколував Костурско, Охридско и други места. Тогаш овој занает беше тешка работа.

Татко ми Диме Лозанчев беше замешан во Охридската завера. По тој повод ќе раскажам два случаи. Тогаш кај нас, во Битола, се криеше Никола војвода, млад убаво облечен човек, кого што после турците успеаја да го заробат во Призрен и тој издаде многу нешта. Никола го предаде и мојот татко, предавајќи им на турците, дека кај нас меѓу другото бил оставил и едно ноже. Точно, Никола војвода остави едно ноже, но еден турчин го бендиса и го зеде, кога за него плати една бела меџидија. И сега, кога турците направија претрес, не го најдоја бараното ноже. Во тоа време во куќата ја имавме книгата "Изворното прашање и Санстефанска Бугарија" од Драган Цанков. При претресот ја држев книгата во своите раце и не ја давав, кажувајќи им на турците, дека таа ми е нужна за на училиште. Ако турците ја отвореа дури само таа книга, ќе го осудеа татко ми на затвор.
Кај нас се криеше исто така и Димитар Стерев, кој беше испратен од Бугарија исто по таква работа. (Во последно време тој живееше во Русе.) Беше нешто како писател. Тој ме научи да играм на карти, за да му поминува полесно времето. Тогаш бев на 11 години.

Во наредните неколку месеци Диме Чакре се криеше кај нас и пред Велигден заедно со Ташко Гавазов замина за Прилеп, каде што се случи случката со Крапчевци. Диме Чакре имаше жена Турчинка, којашто се покрсти. Таа престојуваше доста време кај нас и пред да замине за Прилеп, тој ја испрати во Ќустендил.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik