Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Назад

 

ПРОЦЕНУВАЊЕ НА ПОЛИТИЧАРИТЕ

Многумина од нашите избрани претставници црвсто веруваат дека тие знаат подобро како ние да си го живееме нашиот живот. Исто така, тие веруваат дека преку измама или преку присила треба да не натераат, според нив, како да се однесуваме. Вистината е тоа што многумина од тие наши избраници самите докажаа дека не се способни своите животи да ги водат рационално, и покрај тоа тие упорно веруваат дека можат да ни кажат како ние да ги водиме нашите животи.

Ние, народот, ние, тие кои ги избираат таквите наши претставници. Тоа се оние луѓе кои не молат да гласаме за нив за на крај, доколку успеат, да заборават зошто воопшто не молеа. Треба веќе да ги гледаме со поинакви очи. Ние, народот, барајки решенија за нашите специфични проблеми не се осврнуваме врз принципите кои ги поседува дадената личност која се кандидира. Веќе подолго време ние сме оставени со избор, односно да избираме од две зла кое е помало или пак да го избереме едниот за другиот да не дојде на власт. Сами знаете дека веќе се јави револт кај нас гласачите, повеќемина нема да сакаат да гласаат на следните избори. Револтот кој е појавен не поседува некаква одлика освен што е нешто веќе видено, постојано да се критикува власта. Тоа се правеше на ист начин и со претходната владеачка структура како и со сегашната. Само се критикува без да се поседува конструктивна формула за поправање на состојбите, без конкретен предлог за подобрување на нештата.

Доколку некој наиде и даде изјава дека поседува знаење како да ја подобри економијата и да вработи повеке луѓе веднаш ќе биде прифатен и фотелјата е практично негова. Негова, без да се осврне врз неговите принципи и морал, односно дали ги поседува тие толку битни елементи за дадената работа. Треба да знаете, доколку ги познавате принципите по кој живее и делува еден поединец ќе го знаете и тоа како тој поединец ќе се однесува кон и како ќе ги решава проблемите кои неминовно ќе се појавуваат.

Како може да му се верува, на пример, на некој лидер кој ја изневерува својата сопруга, што рака на срце е редовна појава кај нас. Доколку тој ја изневерува својата наводно најголема љубов во неговиот живот, неговата сопруга, тогаш што би го спречил да не изневери и нас со истата леснотија. Дали би му верувале на некој политичар кој многу се "дружи" со "бизнисмени" или пак гордо изјавува дека тој има "меѓународна подршка", кога би изјавил: Да, јас се дружам со бизнисмени и имам меѓународна подршка ама ништо не им должам. Тој или дрско лаже или е, опасно по нас, апсолутно наивен човек (да не речам, до крајност глупав).

Дали треба да бараме совршенство? Зошто да не? Можеби тоа совршенство никогаш нема да го најдеме, ама секогаш мора да го бараме и да инсистираме да постои.

Дали би вработиле вие некој на позицијата банкар ако знаете дека тој човек е склон да се коцка, би вработиле ли човек како полицаец доколку имате сознание дека е зависник на дрогата или би барале ли духовен совет од пијан поп. Секое занимање си бара од човекот одреден начин на однесување. Се знае какви предности би имал коцкар кога би работел како банкар, наркоман како полицаец или пијаница, доколку преферира вино, да биде поп. Да се биде избран претставник на еден народ потребно е лицето да поседува висок степен на интегритет и цврста определеност кон принципите на морално однесување.

Кога некој поединец ќе заглави ви долгови, пие премногу, ја изневерува и ја тепа својата сопруга, таквото однесување на поединецот ние го игнорираме и велиме дека е тоа негова работа. Последиците од таквото негово однесување е ограничено само кај тие кој се директно инволвирано со него. Доколку избран претставник на нашето општество се однесува на сличен начин тогаш тоа мора да го заинтересира секого. Ваквиот начин на однесување на политичар и последиците кои би настанале би влијаеле врз сите нас, таквото негово однесување не е ограничено само на тесен круг на директно инволвирани лица туку последиците ќе ги почуствуваат сите. Вакви негативни карактерни особини не смееме да толерираме од поединец кој ја поседува можноста да влијае врз нашите животи. Дали е ова двоен морал? Да! Еден аршин за нас, обичните смртници а друг за избраните претставници. Доколку човек сака да се вработи како полицаец тој однапред знае дека постојат одредени начини на однесување кои го наметнува самата работа. Така е и за сите нас, дали станува збор за банкар, доктор, адвокат, работодавач, работник, родител, сите ние имаме некаков аршин на однесување кое мора да го спроведиме и обврски кои произлегуваат од дадени дејства во полето на нашата активност. Исто е и со лицата кои имаат желба да постанат политичари. Тие мора да се издигнат колку што е можно над ситните секојдневни искушенија на малиот човек. Еден од најбитните услови за местото на избраниот претставник е строго принципиелна и високо морална личност. Доколку му се престроги овие стандарди нека не се кандидира.

Нам веќе не ни се потребни политичари кои се слаткоречиви и имаат лесно решение за секој проблем. Нам ни се потребни поединци кои со својата принципиелност и висока морална свест ќе ги издржат спецификите кои се појавуваат на работното место, политичар. Нужно е да се бара најдобриот поединец да не претставува. Нереално и опасно е да се верува дека ќе можеме да опстанеме без принципи и морал и политичари кои немаат строги принципи и висока морална свест.

Назад