Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Назад

 

ПОЛИТИЧКА КОРУПЦИЈА

Тема која е доста актуелна моментално кај нас. Тема со која се занимаваат нашите политичари барем декларативно, која ја осудуваат како појава, барем декларативно, тема врз која сакаат повеќе да влијаат во правец на спречување, барем декларативно, тема чии дејства постојано се повторуваат, реално. Низ земјава наша, Македонија, луѓе се чудат како е можно и зошто толку многу политички лица на високи положби се инволвирани во коруптивни дејства. Исто така, уште едно прашање кое заслужува одговор е, зошто толку многу наши "успешни" бизнисмени се вмешани во политиката?

Постојано истите прашања, постојано истите одговори, одговори кои всушност ја промашуваат темата целосно. Дадениот одговор на овие прашања постојано е дека ни се потребни чесни луѓе во власта, построги закони или поголема контрола врз владата од страна на нашето собрание. Вистина е дека ни се потребни повеќе чесни луѓе да ги вршат политичките функции во нашата држава. Исто така, можеби е вистина дека ни се потребни построги закони и додатна контрола од страна на нашето собрание врз владата. Вистинскиот одговор на овие прашања е доколку владата наша немала моќ да ги контролира економските текови кај нас никој ќе немал причина да ја корумпира. Доколку владата немала моќ да дели материјални средства во разноразни полиња на општествен живот никој не би поткупувал министер  за да добие дел од тие средства. Доколку владата ја немала моќта да се обезбеди себеси со моќ да интервенира во името на заштита или екологија или што било, повторно, никој не би имал интерес да поткупува за да се изгласа даден закон во негова лична полза.

Неминовно дејство е корупцијата и митото кога власта станува се помоќна и помоќна и ги контролира сите аспекти на нашиот живот. Исто така е неминовно и апсолутно реално да се очекува од луѓе кои поседуваат толкава моќ да паднат во искушение да примат мито. Не е нереално да се очекува и жестока борба од политички опоненти (непријатели) да дојдат на власт за да можат тие да ги уживаат "привилегиите" кои ги уживале нивните претходници, но и да можат да го прават тоа што го правеле неказнето истите тие претходници.

Со промена на луѓето, но со оставање на истиот систем да функционира нема да донеси големи промени кон подобро. Ви се молам, политичките партии на власт се толку моќни кај нас што се мешаат во сфери на општествено живеење каде што нема место за политика, се со цел да се здобијат со реалната моќ, моќта која потоа би ја користеле за свои лични интереси (види систем на привилегии).

Единствениот траен одговор за оваа негативна појава кај нас, но и во другите држави, е намалување на моќта на власта да дели привилегии врз поединци или фирми. Делењето на привилегии не е нејзина работа.

Доколку постои желба да се врати чесноста и искреноста во владеачките структури на едно општество тогаш е потребно, како прв чекор, да се отпочне со намалување на моќта на власта. Власт која нема моќ да дели материјални средства (пари) и привилегии нема да биде цел на коруптивни дејства. Политичар кој не поседува моќ на живот или смрт, напредок или не, може многу лесно да ја оддржи својата чесност и својот интегритет. Ова е многу едноставна формула за создавање на чесна власт. Во создавањето на една чесна власт на човек врз друг човек најголемата тешкотија лежи во тоа да се создаде власт која ќе раководи со општеството (не да владее со него) и да се оформат услови каде што власта би се принудила да се контролира себеси. Ние кога гласаме, верувам дека ќе се согласите со мене, не гласаме за да ни дојди некаков крал да владее со нас. Ние гласаме за да добиеме извршители кои би ги спроведувале донесените закони праведно и чесно. Ништо повеќе ниту помалку. Не крал туку извршител на веќе донесените закони. Ние гласаме за чесни и праведни донесувачи на закони не за владетели или полтрони на владетелите.

Назад