|
|
Во нашето општество се промовира сé и сешто. Се изјавува сé, секој може да тропне глупост и да преживее. Никој, за жал, не ги согледува последиците од кажаното. Од позиција на некаков авторитет, некој ќе изјави некаква глупост која и самиот не знае од каде потекнува или дали има допирни точки со вистината. Најбитно за него е дали звучи добро и дали го прави него паметен. За жал, изобилуваме со вакви авторитети. Станува збор за две фрази кои имаат своја тежина. Таа тежина не е мала, напротив, нивното значење предизвикува широк спектар на емоции. Нивната описност предизвикува оцрнување на еден народ, нашиот. Го карактеризира како негативец од невидени рамки. Дали има допирни точки со вистината... сами заклучите откако ќе прочитате.
МАКЕДОНЕЦОТ ПОСЕДУВА СИНДРОМ НА САМОУНИШТУВАЊЕ И МАКЕДОНЧЕТО Е ПРОКЛЕТО
Покрај многуте окупатори кои ја контролирале Македонија два од нив имаат посебно значење за докажување на сегашните состојби во македонското општество. Именувањето на овие окупатори не е потребно затоа што целта ни е да докажиме сегашни појави со минати дејства. При окупирање на одредена територија една од првите работи кои мора еден окупатор да направи е да ја обезбеди таа територија. Оваа активност создава потреба за трошење на ресурсите на окупаторот, монетарни и човечки. При оваа активност окупатор се изложува на големи материјални и човечки издатоци. За да ги намали трошоците од контролирањето на превземената територија тој пристапува кон регрутирање на поединци од локалното население кои би ја вршеле таа контрола (колабористи). Се подразбира таквите поединци поревносно ја држат територијата под контрола од самиот окупатор, едноставно, поради големата желба да ја покажат сервилноста и да докажат дека ја заслужуваат привилегираната положба која им е доделена од страна на окупаторот. Карактерните особини на ваквите луѓе не вклучуваат доблест и духовност, напротив, тие се болно амбициозни, со малку способности и достигнуваат висок општествен статус со полтронирање. Користливоста на ваквите луѓе е повеќекратен за окупаторот. Со успешното инсталирање на вакви луѓе да го контролираат населението и територијата тој пристапува кон втората фаза на контрола, а таа е создавање профит од окупираната територија. Тој почнува со креирање на елитна класа на граѓани и деловни луѓе. Единствен услов за некој да стекне статус во такво општество е полтронирањето, односно покажувањето апсолутна лојалност кон поробувачот на сопствениот народ. Ваквата активност создавала општествена потврда кај народот, доколку поединец поседувал желба да успее, тој, или ќе треба да се откажи од своето "Јас сум" или пак воопшто да не го поседува. Пожелно би било да го поседува окупаторското одобрено "Јас сум". Сега е комплетирана контролата врз територијата и населението и тоа профитабилно за окупаторот. Профитабилно, мислејки на оданочување на населението кое ја спонзорираше својата окупација истовремено го збогатуваше својот окупатор. Остатокот на народот, делот кој е контролиран од вештачки создадената "елита" може да се подели на три групи. Едните, се тие што се помириле со судбината, другите се тие кои неможејки да се помират со окупацијата се бореле против неа и третите се оние кои и покрај обидите да влезат во вештачки создадената "елита" од некои причини не успеале. Набројувањето е по редослед на бројноста на одделните групи. Имајте во вид дека станува збор за еден ист народ. Поради разни околности или услови доаѓа до смена на окупатор под плаштот на спасувач од окупација. Во новонастантите услови устоличената "елита" новиот окупатор ја гледа како предавничка и непријателска. Во интерес на новиот окупатор е да создаде што е можно побргу своја "елита" која ќе му служи нему. Значи новиот окупатор треба да регрутира свој колабористи кои ќе бидат новата "елита", поединци со исти карактерни особини како и поединците на претходната "елита". Тие поединци ќе ги најди во третата група во поделбата на народот. Каде е тука македонецот кој не прифатил да биде слуга ниту на едниот ниту на другиот окупатор? Лицата кои не ги поседувале каркатерните особини кои беа пожелни за да се влезе во друштвото на окупаторот беа осудени на сиромаштија и беда, осудени на "проклетство". Со враќањето на првиот окупатор, "елитата" на вториот окупатор била казнувана, односно се вршеле осветнички дејства врз нив. Со враќањето на вториот... Со враќањето на првиот... итн, итн. Овие две вештачки создадени "елити" меѓусебно заедничко ја имале само припадноста кон македонскиот народ, а нивната меѓусебна омраза резултирала во поделба на тие и ние, ваши и наши привиден менталитет. Во постојана борба за превласт се обидувале да ја уништат конкуренцијата, односно една група од македонскиот народ се обидувала да ја уништи другата група. Сето ова поради зачестеноста личело на народен синдром на самоуништување и тоа само поради тоа што тие сепак биле припадници на македонскиот народ. Потврдата дека македонецот не поседува синдром на самоуништување се наоѓа кај македонецот кој не припаѓал ниту на едната ниту на другата групација. Во мнозинството е одговорот, а не во групи со определен број на припадници. Значи мнозинството на македонскиот народ кој бил контролиран од страна на овие групации поради туѓи интереси бил сиромашен и без можност за напредок во мисла и економија. Сиромашен, тој сета своја сила ја користел за физички опстанок, при тоа помагајки се меѓусебно, со другите македонци, за да се постигне успех во нивните напори. За него доблеста, хомогеноста и единството биле клучен фактор за опстанок. Така тој успеа покрај силните пропаганди да опстане и да си го зачува своето име и постоење. Доколку бил проклет и поседувал синдром на самоуништување тој сега би бил дел од еден од окупаторските народи. Значи фразите "Македончето е проклето" и "Македонецот поседува самоуништувачки синдром" не се реален опис на македонското општество. Сепак е реален опис, опис на две конфронтирани страни во македонското општество кои се спремни на сé само за да ја уништат другата страна, без оглед на последиците по мнозинството или пак по нашата држава. И до ден денешен, вклучувајки го и југословенскиот период на македонското постоење, овие групи на македонскиот народ сеат неединство и непросперитет во нивната меѓусебна борба за превласт. Денес овие групи се ослободени од окупаторскиот призвук на колабористи иако има индикации дека сеуште некаде длабоко лежи и окупаторски интерес. Користејки ја пропагандата да ни ги наметнат своите идеи и интереси како нивни кои не мора да се совпаѓа со интересите на македонското општество во целост тие ја продолжуваат меѓусебната уништувачка борба врз нашиот грб. Прибавуваат припадници на истиот начин како и поранешните окупатори и создаваат атмосфера на тие против ние, која патем речено, да повторам, е една од основните задачи на пропагандата.
|