|
|
Контакт ПРЕТХОДНО ПОСТОЕЧКИ УСЛОВИ
ОПРАВДАНО НЕЗНАЕЊЕ Оваа општествена појава е најдобриот сојузник кој може да го има еден пропагандист. Концептот тука е тоа што таргетираното население кое еден пропагандист би сакал да го манипулира живее во некој степен на незнаење за својата околина. Во напредните општества луѓето треба да работат, јадат, спијат, да се облекуваат и многу други активности. Едноставно кажано, постојат оправдани ограничувања во тоа колку време и труд можат поголемиот број на луѓе да посветат во разоткривањето на вистината од лагата. Во ваквите општества луѓето својата доверба ја предаваат на тнр "специјалисти за информации" како што се политичарите, новинарите, научниците и академците итн. Тие "специјалисти на информации" треба да ги исфилтрираат информациите и да ја откриваат вистината, потоа да донесуваат одлуки во интерес на населението. Оваквата поделба е разумна и не мора да значи нешто лошо. За жал, современото општество е исто така и корумпирано, односно постојат елементи во него што се трули. Многумина од веќе спомнатите "специјалисти за информации" се самите систематски манипулатори (пропагандисти) кои си ја остваруваат својата агенда или застрашувачки лесно го изнајмуваат своето поле на експертиза на тој што најмногу ќе понуди. Во основа, оправданото незнаење е всушност вградена неотпорност кај населението од пропагандни кампањи. Таа неотпорност може да биде експлоатирана на многу начини.
ИНФОЦИДНОСТ Многу значаен предуслов за ширење на пропаганда кога станува збор барем за нашето оп-штество. Се работи за состојба во едно општество каде голем процент на населението веќе не верува дека е можно да се открие вистината за било што. Оваа состојба е всушност преоптеретување на поедниците во општеството од информации. Во нашето општество сега постојат повеќе начини за добивање на информации, но сепак доверливоста или интегритетот на самите информации никогаш не биле подубиозни. Самата состојба на инфоцидност може да биде природна состојба или може да се создаде вештачки. Како алат во рацете на пропагандист таа се користи кога е потребно да се прикрие нешто. При обид да се прикрие нешто, најчесто вистината за даден настан, личност или состојба, пропагандистот пушта во оптек најразноразни многубројни информации кои не влијаат врз скриената вистина туку ја збунуваат јавноста до степен каде што никој би немал волја да ја пробие густата џунгла од дезинформации кои ги шири пропагандистот (види Пропагандата и Медиумите). Како пример за потврда на веќе кажаното е начинот на кој се емитуваат вестите во нашата држава. Едни после други. Кога едните завршуваат, другите почнуваат. Кога последниот дневник завршува тогаш почнуваат ноќните вести на првите. Се на се целовечерно гледање на вести, постојано примање на исти информации или пак малку различни од претходните, односно малку повеќе информации за дадената тема во подоцнежните вести од претходните. Ако мислите дека тоа е само демократски чин, тоа е ваше право или можеби станува збор за оправдано незнаење. Нели треба тие да се такмичат меѓусебе за вашето внимание а не да си го чекаат редот кога ќе ви го кажат тоа што веќе сте го слушнале. Нели се сите овие вести, поставени на ваков начин еден вид на создавање вештачка состојба на инфоцидност? Доколку го прифатиме и фактот дека повторувањето е основен елемент на пропагандата и дека преку повторувањето се врши привикнување (Павлов) и прифаќање на пролиферуваното дали сеуште ќе мислите дека ваквиот начин на прикажување на вестите е само демократски чин.
ПРЕНОС Концептот тука е што често се случува емоциите кај луѓето да можат да се пренесат врз настани, личности или состојби (види Пренос). Како алат на пропагандистот при ширење на пропаганда преносот е всушност обид веќе постоечките емотивни состојби кои се поврзани со дадени настани, личности или состојби да се пренесат врз идеата која пропагандистот посакува да ја промовира или осуети.
ИНФОРМАТИЧКА ДОМИНАЦИЈА ИЛИ ХЕГЕМОНИЈА Ова е тоа што секој пропагандист посакува да успее да издејствува. Во некои држави едно гледиште може да ги контролира сите извори на информација. Полициска држава со медиуми кои ги раководи државата е добар пример за овој веќе постоечки услов за ширење на пропаганда. Исто така и олигархискиот однос помеѓу разни нивински агенции од западниот свет е можен начин на создавање на информатичка хегемонија (CNN и BBC). Во основа еден пропагандист секогаш се обидува да стави под своја контрола што е можно повеќе извори на информирање за пролиферување на својата кауза. Ова го прави за да ги максимизира начините на кои би можел да ја шири својата идеа низ таргетираното население, исто така преку информатичката хегемонија тој ги спречува спротивставените идеи или противаргументите на неговата кауза да се шират.
|