|
|
ОСНОВНИ ЕЛЕМЕНТИ НА ПРОПАГАНДАТА
Пропагандата е општо дефинирана како ширење на информации заради специфична причина. Нејзината цел е преку правовремени и искривени информации да убеди или да присили состојба на прифатливост на идеа или дејство. Таа се користи при манипулација од најниското ниво, човек на човек, преку човек на група, група на други групи или попрактично кажано во сите нивоа на меѓучовечка комуникација. Како систематска активност таа имаа свои основни елементи на функционирање во својата манипулативност, а тие се Репетиција, Симплификација, Сликовитост и Сентименти.
Репетиција Репетиција или повторување се користи поради инфантилните ограничености на колективната меморија. "Народот брзо заборава", сте ја слушнале оваа изјава и порано, нели? Затоа е потребно при пропагандно делување да се повторуваат пораките се додека самите пораки не се втемелат како колективната свест.
Симплификација Сиплификација или поедноставување на пораката се прави со цел да биде привлечна, брза и лесно разбрана од сите. Овој основен елемент на пропагандата е обусловена од постоечката, фактичка состојба на секое општество, а тоа е оправданото незнаење на членовите на тоа оп-штество. Едноставно, секој сî во секое време не е возможно да поседува секакви познавања од секоја област. Овој лимитирачки општествен и човечки факт се злоупотребува при креирањето на пораката која треба да се пролиферува. Друга голема вистина е изречена во една изрека а таа изрека гласи: "Едноставната лага секогаш ја победува сложената вистина".
Сликовитост Најсилната и највлијателната пропагандна активност се извршува со помош на сликовитоста. Овој основен елемент користи визуелни и аудио помагала. Значи, ја пренесува пораката преку слика или преку описен говор. Пренесување на порака преку слика многу лесно се објаснува преку поговорката "Една слика вреди 1000 зборови" или "Ќе верувам ако видам". Научно е докажано дека преку визуелното перципирање на светот околу нас ние создаваме суд за нештата многу побрзо. Значи ако се сака да се формира пацифистичко мислење тогаш ќе се користат многу слики или филмови кои покажуваат ужаси на војната. Описниот говор кај слушателот треба да предизвикува создавање на слика каква што треба да се поседува според намерата на пропагандната активност. Забавни песни и зборови кои во себе содржат значења на пацифизам не даваат ист резултат како патриотски песни и воинствени говори.
Поради сето веќе изнесено, телевизијата и радиото а преку нив филмовите и музиката се многу силни алати за ширење на пропаганда.
Сентименти Содржината на пропагандната порака за да биде ефикасна во своето убедување треба во себе да содржи што е можно помал број на детали но и да предизвика некаква емоција. Основниот елемент, Сентименти, укажува на битноста во потребата на предизвикување на емотивни состојби при пропагандни активности. Изземањето на деталите во пораката која е потребно да биде брзо сфатена само го забрзува времетраењето кое е потребно да се разбере самата порака а предизвиканата емоција ја засилува истата порака. Според предизвиканата емоција треба да се избегне логичното и аргументирано расудување и да се пристапи кон емотивно одбивање или прифаќање на идеа или дејство. Самата порака во овој случај не мора да е логична или базирана на факти, фактите и логиката само ја заслабуваат силата на пораката. Доколку постои потреба да се користат факти или аргументи тогаш тие треба да се поедностават до максимум за лесно и брзо да се впијат во главите на таргетираното население. Во зависност од потребата за предизвикување на сентименти може да се користат и народни поговорки кои во практиката се покажале како одлично средство како замена на фактите и аргументите. Еден практичен преглед на медиумите, односно на средствата кои се користат за всадување на емоции при пропагандни активности во главите на луѓето ќе ве доведе до заклучок дека примарното средтство со која се служи современата пропаганда е аудио-визуелниот медиум, односно телевизијата, филмот и музичкиот видео спот. Второ по ред на искористеност се печатените медиуми и литературата, а трет по ред се интерактивните радио емисии и интернетот.
|