|
|
АНКЕТА
Анкетата поседува една посебна одлика за користење при пропагирање на некаква идеа. Нејзината одлика се состои во тоа што таа или го потврдува постоечкото мислење или пак го променува во зависност од поставеното прашање и дадените резултати. Леснотијата со која се манипулираат резултатите доколку тие се негативни за намената мислам дека не треба посебно да се објаснува. Самите прашања кои се поставуваат можат многу лесно да бидат испревртени или пак да се запостават при објаснувањето на резултатите. Да претпоставиме дека во едно општество треба да се изврши реформа на здравството и постои потреба од спознавање на јавното мислење. Во општеството постои една групација која е против спроведувањето на реформата и друга која е за да се спроведе таа реформа. За тие кој се против реформата прашањето во анкетата ќе биде: "Дали ја поддржувате реформата во здравството ако тоа значи дека ке плаќате за секоја услуга?" Повеќето луѓе би одговориле негативно на вака поставеното прашање. Објаснувањето на резултатот добиен од прашањето би одело вака" "Голем процент од испитаниците не ја поддржуваат реформата во здравството!" Секој резултат кој се изјавува од спроведена анкета може да биде испревртен. Во дадениот пример, но и најчесто, не се спомнува прашањето на анкетата. Доколку постои неизбежна потреба да се спомне прашањето, тогаш самото прашање ќе се фрли во заборав од планината на "објективни" објаснувања кои го потврдуваат резултатот. Така што резултатот на анкетата станува најбитен елемент врз кој треба да се насочи вниманието. Без оглед дали постојат други аспекти врз кои може да се согледа или испита јавното мислење во овој пример, прашањето во анкетата се поставува на таков начин за да даде соодветен одговор кој одговара на потребата на вршителот на анкетата. Тие кои ја подржуваат реформата прашањето во анкетата би го поставиле вака: "Дали ја поддржувате реформата во здравството ако тоа значи подобрување во третманот на пациентите?" Нормално одговорот би бил потврден и прашањето, доколку не е апсолутно потребно, ќе се изостави. На ист начин како во претходно напишаното но само со обратен ефект се добива посакуваното. И двете групации постојано работат на ваков начин обидувајки се да ги инкорпорираат своите интереси врз дадена активност без оглед дали е или не е за општото добро. Во дадениов пример битен е интересот на дадената групација, односно како и секогаш и секаде ако постои ЗА, дефинитивно ќе постои и ПРОТИВ. При таква битка на "ЗА" или "ПРОТИВ" се користат сите средства кои стојат на располагање без оглед на вистинската вредност на самата идеа. Друг вид на анкета за пропагандни цели е и искривената анкета преку анкетирање на одреден дел од популацијата. Доколку се анкетира за зголемување на пензиите на сметка на вложување во програми за млади, тие кои се "ЗА" таквата програма би ги прашувале пензионерите за одговор да дадат на анкетното прашање. Тие кои се "ПРОТИВ" ке ги прашуваат младите. Ваквата анкетата како метод на истражување не е поставена на цврсти, научни основи. Таа само го потврдува посакуваниот резултат и така е дизајнирана да функционира. Нејзината цел е "објективно" да ја информира јавноста. Пораката на вака водените анкети е јасна "Вака мислат другите, затоа треба вие тоа да го прифатите и вие така да мислите." За волја на вистината, постојат и прецизни анкети. Прецизните анкети многу ретко или никогаш не се изнесуваат во јавноста. Тие се користат од страна на политичарите кои ги користат резултатите за да се здобијат со познавање на општеството и што тоа сака да слуша или поедноставно кажано, како политичарите поефикасно да ни се додворуваат. Едноставно, однапред знаат што тоа сакаме ние да слушаме и што сакаме да биде направено. Политичарите, анкетата ја вршат со помош на тнр "пробни балони". Вака водената анкета не е едноставно поставување на прашање и според резултатот на одговорите да се поседува некакво знаење за расположението на јавноста. Ваквата анкета се врши на следниов начин: Првин се анкетира постоечкото мислење, потоа се пушта во јавноста одредена информација која поседува содржина која ги поттикнува емоциите (страв, лутина, гнев, нежност и др.) потоа повторно вршат анкета и преку таа анкета, во зависност од резултатот на одговорите дознаваат какво е расположението на јавноста. Политиката веќе е наука, без научно спроведување на испитување на јавното мислење една политичка партија не ќе може да се надева на некаков поголем успех. Да знаете и тоа со цврсто убедување дека политичката кампањска пропаганда (политички маркетинг) е специјализација во науката на современата пропаганда.
|