Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Солунските атентати - април 1903 година

Априлските атентати во Солун неоспорно се најкрупните по својот страшен ефект и по предизвиканите длабоки стресови во Револуционерната организација. Солунските атентати се дело на група млади идеалисти.

Идеолошки солунските атентатори се рожба на еден друг, постар кружок, кој се појавил во Бугарија и покасно го добил своето конечно осамостојување во Женева. Кружокот во Женева се создава од неколку студенти во 1897 година од: Михаил Герџиков од Пловдив, Димитар Обштински од Пловдив, Петар Манџуков од с.Мирковци, Скопско, Јордан Калчев од Тутракан, Димитар Ганчев од Русе, Димо Николов и Григор Дочев од Казанлак. Тука тие наоѓаат во изобилие револуционерна литература, се зближуваат со руски револуционери и земаат активно учество во идејните спорови со руската емиграција. Тука тие идејно се оформуваат: едни под влијанието на Г.Плеханов, како социјал-демократи (Димо Николов, Д.Обштински и др.), други, под влијанието на Черкезов и на бакунизмот, како еден вид анархисти (Герџиков, Јордан Калчев и др.), меѓутоа разноликоста не им пречи да бидат заколнати другари од „кружокот“, кој веќе има и свој „устав“. Малку покасно од нив во Женева пристигнал и Слави Марџанов од Карнобаг. Влегува во „кружокот“, заразен од неговите идеи и станува еден од најстрасните конспиратори.

Најнапред почнале со еден повик – апел до македонскиот народ – отпечатен во Париз во тајната печатница на Сидурадски, народен првенец, во којашто и Херцен ги печател своите брошури. Во тој кружок влегувале и жени, меѓу кои: Златева од Ќустендил и Кина Ганева, студентка по социологија. Таму била и Иванка Ботева, ќерка на Хр. Ботев.

Во Женева кружокот започнал да го издава в. "Одмазда". Се издаде еден број во кој меѓу другото најмногу го напаѓале тогашниот кнез Фердинанд I. Најголемата пречка на кружокот била недостигот на средства и соучесниците се мачеле да се здобијат со средства. По решение на кружокот Григор Поп Дочев, родум од Казанлак, бил задолжен да најде средства. За таа цел тој се враќа во Бугарија и се обидува по секоја цена да најде пари, но бидејќи не успеал да го стори тоа на 23.III.1899 год. се самоубил во Борисовата градина. После таа несреќа кружокот, за да се снабди со парични средства, решава да се направи една мала експропријација.

Стефан Стефанов Михов бил телеграфист и бивш член на пловдивскиот кружок. Како таков, тој подготвува неколку телеграми со фалсификувани уплатници до своите другари, претходно заминати за Белград, Виена и Женева. Така приготвени телеграмите, Михов ги вовлекува меѓу останатите готови за испраќање и на тој начин неговите другари, претходно заминати во определените места, со точни адреси, ги земаат сумите. На тој начин кружокот се снабдува со 4-5000 лева.[1]

Веднаш по снабдувањето со пари, кружокот испраќа неколку свои членови во Македонија. За таа цел Слави Мерџанов а П. Манџуков се вовлекуваат во Македонија со туѓи имиња. П. Манџуков заминува за Скопје, а Сл. Мерџанов за Солун. Тука тој наидува на сомисленици во името на наколку ученици, главно велешани, познати во гимназијата и надвор од неа како неразделни другари, со своеглавост и непокорност. Тие беа: Јордан поп Јорданов (Орцето), Константин И.Кирков (Коста), Тодор Богданов, Илија Тричков, Владимир Пингов и др. Тримесечното другарување со Манџуков во Солун беше доволно за велашката група да ја добие својата идејна форма.

Знаењата на велешките ученици се прошируваат од книгите коишто Мерџановци им ги доставуваат: „Подземна Русија“, „Поприштето на нихилистот“, од Степњак, „Анархијата и изумирачкото општество“ од Жан Грав, „La conquete du pain“, „Au lendemain de la Revolution“ од Кропоткин, „Историски писма“ од Лавров, „Што да сев прави?“ од Чернишевски итн.

Како независни во револуционерната група, велечките младинци си го прикачија името „гемиџии“. Во кружокот на „гемиџиите“ влегуваат: Јордан Поп Јорданов (Орцето), Константин Ив.Кирков (Коста), Димитар Мечев (Мечето), Тодор Органџиев, Тодор Богданов, Илија Тричков, Георги Богданов, Владимир Пингов (Владо), Илија Поп Јорданов и Милан Арсов – сите од Велес, Павел П. Шатев од Кратово, Марко Ив. Бошнаков од Охрид, Дим. Коштанов и др. Д. Мечев, Д. Коштанов, и Марко И. Бошнаков започнаа како работници на Внатрешната организација и отпосле се присоединија кон кружокот. Тие се малку повозрасни, а сите други се на возраст од 18 до 22 години.

Како и на сите групи, кружоци и организации, „гемиџиите“ уште од почетокот почувствуваа потреба од средства. Им требаа пари за да пристапат заедно со групата на Мерџанов[2] кон револуционерна работа. Првата акција за пари им беше „запленувањето“ на двајца членови од кружокот, К. Кирков и Т. Богданов, синови на имотни семејства. Кирков и Богданов – ученици во гимназијата – "исчезнуваат", и се сместуваат да живеат во еден конспиративен стан. Родителите во Велес добиваат писма од нив, во кои ги молат да го платат откупот за да не бидат убиени. Таткото на Т.Богданов не наседна на играта, додека таткото на К.Кирков, една средба со Гоце Делчев се договара и внесува една значителна сума за "откуп" од 200 турски лири. Откако Кирков ги изброил парите, "украдените" ученици се пуштаат. Како резултат на долгите преговори и направените трошкови, повеќето од половината сума се потроши и после направениот биланс во касата на конспираторите останува една сосем мала сума од 20–30 турски лири.

Конспираторите, собрани во Софија, започнуваат одново да обмислуваат како да се снабдат со повеќе пари, за да ги започнат замислените акции. Меѓутоа, попаднати во туѓа средина, без никакви средства за прехрана, тие гледаат дека не е така лесно да се прави конспирација и се прибираат кај своите родители.

Кон крајот на 1899 година групата на Мерџанов замислува страшни планови: убиство на султанот и атентати на „Отоманската банка“ и Тутунската компанија во Цариград. Мерџанов го повикува во Софија Орцето, го посветува во планот и го осигурува учеството на гемиџиите. Тука Мерџанов и главатарот на гемиџиите замислуваат план за прокопување на канал и под солунските темели на „Отоманската банка“.

Мерџанов, Соколов и Манџуков, со претходно тајно одобрените парични средства од Б.Сарафов, заминуваат за Цариград, а Орцето се враќа во Солун.

Мерџановци, одржувајќи врски со Ерменците, со посредство на ерменскиот револуционер Козаков, започнуваат со проучување на Цариград. Откако се убедиле дека нема да може да му се приближат до царската приколка и да го убијат султанот со бомби, тие се зафаќаат со банката. Тие успеваат да го привлечат печатарот Нанчо К. Стојанов и земат под наем спроти банката една тесна висока куќа на 3 спрата за да служи како склад на печатницата во сопственост на таткото на Нанчо, родум од Ресен. За таа цел, во „складот“ се внесуваат сандаци со хартија и разни црковни и други книги и брошури. Се започна со копање од страна на Мерџанов, Манџуков и Соколов.

Со отпочнува со копање и во Солун, каде спроти банката е земена под наем „берберница“. „Бербер“ е Вл. Пингов. Макар што и двете акции се финансираат од Б.Сарафов, преку Мерџанов, во Солун парите не пристигаат редовно, па по едно време станува нужда Кирков да ги украде ѓерданите и прстенот на неговата тетка, која после ги откупува за 36 лири.

Кон средината на 1900 година цариградската група бара еден човек од солунската група. За таа цел, беше испратен Павел Шатев, а во замена беше испратено едно ерменче Кристи (под псевдоним Ќосе Аристиди), препорачано од ерменците.

Во Цариград се работи на смени: 20 дена двојката Мерџанови Соколов, после 20 дена Манџуков и Шатев. Се копа со длета, само дење. Се менуваат на секои два часа, кога едниот е горе кај дувалото другиот е долу во подземјето. Во определен час, на секои четири дена ќе одел Нанчо, и ќе им оставел на двојката храна за 4 дена. Земјата се изнесува со торби, врзани со јаже и се трупа во сандаците – од долу земја, горе книги.

По шест месечна работа копачите стигаат до самиот агол на банката. Веќе го слушаа брмчењето на моторот за осветлувањето.

Во Солун работата беше времено прекината. Таму копачите наидуваат на мека земја и целиот канал можеше да биде ископан за два месеци. Шатев им напишал на другарите во Солун да прекинат со копањето, додека се приврши цариградскиот канал, за да не се излага акцијата на ризик да биде откриена. По уважувањето на укажувањето на Шатев, се прекинува со копањето и едни од „гемиџиите“ остануваат во Солун а други се прибраат по своите домови во Велес.

Обеќаното количество на динамит од Б.Сарафов пристига на време во Цариград, но при неговото пренесување во градот било откриено од полицијата. Меѓутоа во рацете на полицијата попаѓа само ерменецот Козаков, кој беше задолжен со пренесувањето на опасната стока: тој беше измачуван, после, како руски државјанин предаден на Русите и испратен во Сибир. На 14 септември во Цариград, издадени од еден шпиун, сеапсени Мерџанов, Соколов, Манџуков и Шатев. Мерџанов еизмачуван за едно шифровано писмо од Христо Матов, најдено зад кожата на грбот на еден речник но маките ги пребродува. По застапувањето на бугарската влада, турската полиција ги ослободува Соколов Мерџанов и Манџуков со препратување во Бугарија, а Шатев го интернира во неговиот роден град Кратово.

Наместо вратените во Бугарија, се донесува решение привремено да се испрати Александар Кипров во Цариград, кој ќе го набљудува повремено дуќанот, во кој бил прокопан каналот под Отоманската банка, додека отиде и го замени Дим. Коштанов, кој во тоа време бил интерниран од Солун во Г. Џумаја. Меѓутоа Д. Коштанов тешко можел по легален пат да ја напушти Г. Џумаја и да замине за Цариград. По пристигањето во Цариград, Кипров го посетува складот, го разгледал подземјето и му напишал подробен шифрован рапорт на Х.Матов во Солун.[3] Токму во тоа време во Солун избувнува големата афера (јануари 1901), Матов е уапсен и Кипровото писмо оди во рацете на Турците. По дешифрирањето на писмото, полицијата на Абдул Хамид веднаш го запечатува „складот“. Кипров успева навремено да избега, додека најмногу страдаат печатарите, татко и син.[4]

Несреќата во Цариград ја принудува солунската група да го замаскира каналот и да ја напушти „берберницата“. Гемиџиите решаваат прво да се снабдат со експлозивен материјал и дури потоа да го довршат каналот. Сарафов веќе не бил во Врховниот комитет. Орцето оди во Софија и ја образложува терористичката теорија пред Михајловски-Цончев, но новите раководители одбиваат парично да ги поткрепат.

Орцето заминува за Женева да го бара Сарафов. Во април 1902 година Орце Поп Јорданов пристига во Софија откако во Женева се сретнал со Борис Сарафов и се договорил, Б. Сарафов да откупи и препрати на соодветен начин 1000 кг динамит, неопходен за идната акција во Солун и на други места, а истовремено зел од него и една сума од 10 000 зл. франци.

Кружокот се зафаќа со трескава работа. Пошто „берберницата“ во Солун е земена под наем од други, се зема нов дуќан кој претставува доста добро обезбедена бакалница. Како бакалџија се ангажира Марко И.Бошнаков од Охрид.

Димитар Мечев по претходните убедувања од Орцето го напишта Перник и заминува за Одрин да копа под австриската пошта, која треба да биде разрушена истовремено со банката во Солун. Димитар Мечев бил нелегален во Турција и за Одрин заминува под туѓо име. Таму престојува неколку месеци. Ги проучил условите и зел под наем една доста голема пригодна куќа, која се наоѓала сосем близу до зградата, каде што се наоѓала австриската пошта. Д. Мечев, за да го прикрие и оправда својот престој, започнал да се занимава со купување и продажба на пченка, трици и брашно.Остануваше да се добие динамитот и да се отпочне со копањето. Меѓутоа Гарванов успева со измама да стави рака на динамитот, кој им е испратен од Марсеј и растоварен во Деде-Агач. Раководителот на Централниот комитет мисли дека на тој начин ќе ги обезоружи атентаторите. Тоа ги изостри односите меѓу двете страни – „до убиство“, како што вели П.Шатев. Но тоа го разгневи кружокот и го натерта да побрза со акцијата, задоволувајќи се со помало количество на динамит: 160 кгр., складиран во Бугарија. Димитар Мечев по наредба на Орце Поп Јорданов го напушта каналот во Одрин и оди во Софија. Мечев, Орцето, Шатев и др. се ставаат во движење и во релативно кратко време динамитот на делови и по разни патишта се пренесува во Солун.

Од друга страна, тие успеале уште порано да земат од Делчев во Софија 250 лири од откупот за Мис-Стон, со обеќање дека за извесно време ќе ја одложат акцијата.

Во новиот канал почнува да се работи забрзано. Земјата се трупа во стариот канал или се набива во визбата на дуќанот. Се превземаат мерки експлозивот да може секој момент да биде запален, во случај на откривање, кога потпалувачот би се жртвувал самиот себеси. Во текот на март копачите стигаат под самите темели на банката и поставуваат експлозивен материјал под нив. Веќе било сe готово. Конспираторите стануваат нетрпеливи.

Први април се наближува. Кружокот решава да дејствува веднаш по велигденските празници.

Дознавајќи за нивното решение, Централниот комитет ги прави последните напори за да го спречи атентатот. Но конспираторите се господари на ситуацијата. Комитетот знае со какви луѓе си има работа, знае исто така, дури и ако посегне врз некој од нив дека друг ќе го крене експлозивот. Остануваше да се дејствува само преку убедување. Даме Груев се обидува преку стариот пријател Мечев да му докаже дека акцијата ќе му нанесе непоправлив удар на ослободителното дело, а може да го компромитира и самото востание и дека е најдобро атентатот во Солун да биде најнакрај – ако востанието не помогне. Но Мечев е непопустлив. Тој пред очите на Груев, меѓу другото го истакнува аргументот дека Организацијата не е способна и кој знае дали мисли да прави востание.

Гарванов иако е на нож со конспираторите, се обидува и тој да ги спречи. Им нуди пари, се обидува да ги ангажира во некоја нова работа во Одрин, да почекаат некое време, но тие не сакаат ни да слушнат. На Велика сабота пред самиот Велигден кај Гарванов оди Орцето и откако ги одбива едно по едно неговите предупредувања му соопштува:

- Јас дојдов само да ви кажам дека сме решени да дејствуваме и да ве предупредам да си ги преземете потребните мерки.

На едно последно советување надвор од градот конспираторите го одредија во подробности својот план на дејствување и задачата на секој еден од нив. Тука се подигна и прашањето за нивната лична судбина. Едни сметаа дека се потребни за своето дело кое што треба да се продолжи (Шатев, Бошнаков и др.) а други беа против (Орцето, Кирков, Мечев).

На 15 април, во вторник, околу 11 часот претпладнето, едно русо момче, со пасош на име Георги Манасов, по прегледот на куферот во солунската царинарница, најмува чамец и се упатува кон параходот.„Гвадалкивир“ од „Месажери Маритим“. Еден час покасно „Гвадалкивир“ крева котва и трга кон устието на заливот. Но штотуку го минал малиот Кара-бурун, одекнува страшна експлозија во заливот. За неколку минути големите пламени го опфатиле целиот труп на параходот. Сирената очајно свири. Патниците – и Г.Манасов меѓу нив – се спуштаат кон спасувачките чамци.

Пристигнатите полицајци брзаат да заклучат дека експлодирале котлите на параходот. Истата непотврдена вест се пренесува од уста на уста сред толпата која од кејот го набљудува разгорениот параход. Сосем друго мислење имаат Французите – конзулот Стег, неговиот секретар и чиновниците од агенцијата на „Месажери Маритим“, велејќи дека пожарот не би можел да избувне толку брзо, ако експлодирале котлите.

По согледувањето на нивната заблуда, турските полицајци го отпочнале испитувањето и како рерзултат на тоа, Георги Манасов е уапсен на скопската железничка станица и на 17 вечерта доведен во Солун[5].

Целата ноќ Солун е како илуминиран од импровизираниот прожектор, издигнат сред морските бранови. Солунчани, ја набљудуваат волшебната глетка и некои од нив сe уште веруваа дека пожарот е од случајна несреќа, додека француските средини и турската полиција мислат поинаку. Но новиот атентат веќе го покажува прстот на Револуционерната организација.

Истиот ден во текот на ноќта Димитар Мечев, Илија Трчков и Милан Арсов со претходно приготвен експлозив се доближиле до железничката пруга Солун – Дедеагач и кај некој свиок меѓу големата железничка станица, којашто беше надвор од градот и малата железничка станица во самиот град со две петарди – прикрепени до шините – поставиле 2 – 3 кг. мелинит токму во тој момент, кога се појавил возот.

Тркалата на локомотивата поминале врз малите црни и сосем незабележливи петарди, кои го запалиле динамитот и од експлозијата локомотивата се оштети, меѓутоа без да се преврти, ами само стаклата на повеќето од прозорците на вагоните се испокршиле. Од патниците никој не настрадал.

Другиот ден – среда, на 16 април – поминува тивко. Полицијата забрзано барала скриени комити, без да најде такви.

Вечерта околу 8 и 30 часот, откако секој од атентаторите бил на претходно определено место Константин Кирков поставува неколку килограми мелинит меѓу гасоводните и водоводните цевки, кои минуваа под малиот мост на рекичката пред да се влее во морето.

Од експлозијата гасоводните и водоводните цевки се оштетиле и во еден миг целиот град потонал во мрак и останал без вода.

Тоа бил знакот за започнување на борбата. Мечев и Тричков се обидоа да го фрлат во воздух резервоарот на фабриката за светлечки гас, но наидуваат на засилена стража. Враќајќи се од таму, тие се разделуваат во различни насоки. Мечев фрла две бомби пред кафеаната „Egypt“. Тричков исто така пушта неколку топчиња меѓу публиката. Откако експлодираат неколку бомби, двајцата другари се прибираат во станот, сместен на аголот, кај Топхането. Во домот тие имаат цел склад од бомби, повеќе од 60, кои исто така требаше да се искористат. Првата бомба, фрлена од прозорецот, привлекува војска и започнува борба. Фрлајќи бомби лежејќи, борбата продолжила до в зори. Најпосле стануваат простум и со отворени гради ги пречекуваат плотуните на војската. Изутрината Турците во станот најдоа два трупа изрешетани од куршуми, но ни една бомба.

Десетина минути по гасењето на ламбите, Орцето, кој во тоа време бил „стражар“ во дуќанот, чека околу 5 минути и ги пали фитилите. По излегувањето од бакалницата се упатува кон вториот спрат на банката, каде живее директорот со своето семејство, за да му каже дека треба веднаш да ја напушти зградата, затоа што после 5 минути ќе лета во воздух. Од таму Орцето се прибира во својот стан, зад католичката црква, во куќата на италијанецот Антонио Пепе. По неколку минути експлозивот избувнува со голем тресок, ја разрушува зградата на Отоманската банка и се појавува пожар. Токму при избувнувањето на експлозивот со еден пајтон по улицата минувал германскиот инженер Хекел и кај Отоманската банка бил смртно ранет од распрснатите камења, како резултат на експлозијата. Целата стража, којашто ја чува зградата уште при првата експлозија се разбегала кон соседните улици.

Милан Арсов, најмладиот конспиратор, ученик од петти клас, го дочекува утврдениот час во кафеаната „Алхамбра“. Гасењето на ламбите предизвикува веселост и ракоплескање кај публиката. Милан стави на масата една бомба и ја пали со цигарата. Луѓето се разбегале во паника штом светлината од палењето на фитилот го осветлил железното топче.

Георги Богданов фрла една бомба низ прозорците во кафеанчето "Нијона" кај плоштадот до самиот кеј.

Владимир Пингов, „берберот“ при копањето на првиот канал, предизвика, согласно со планот, со бертолетова сол и едно шише фосфорна течност, пожар во „Бошков-ан“ и се упатува кон станот на Мечев и Тричков. Меѓутоа кога минувал токму пред влезните врати на топхането, командирот на стражарското место сакал да го запре и уапси просто по сомневање, а тој се спротивставил, успеал да фрли една бомба и бил застрелан.

Константин Кирков и Орце Поп Јорданов – користејќи ја темницата и општиот неред во градот, особено по главната улица пред хотел "Египет" и театар "Еден" – фрлиле неколку бомби со цел уште повеќе да ја зголемат паниката.

Близу до хотел "Египет" била Отоманската банка и еден голем дел од луѓе – обземени од паничен страв – трчале по главната улица надолу кон хотел "Салоник" и кога забележале, дека и таму се фрлаат бомби и има пукање, се враќале назад кон крстопатот кај хотел "Египет" и театар "Еден".

На 16 април 1903 г. во текот на ноќта се убиени Димитар Мечев, Илија Трчков и Вл. Пингов.

Орце Поп Јорданов, Константин Кирков, Милан Арсов, Георги Богданов, Марко Бошнаков и Цветко Трајков успеале да се приберат во своите станови.

На 17 април – четврток – рано изутрината Коста Кирков, убаво облечен, со полуцилиндер на главата, излегува од својот стан и се упатува кон улица "Сабри паша", каде што беше зградата на телеграфската станица. Тој ден како пред вратите на сите општествени и кредитни установи, така и пред вратата на поштенската зграда имало стражари.

Константин Кирков се обидел да влезе во телеграфската станица, божем да предаде една телеграма, меѓутоа командирот на стражарското место посакал согласно наредбата на власта да го претресат. Во тој момент К. Кирков се повлекува и се обидел да ја запали бомбата, меѓутоа стражарот го прободел со бајонетот на неговата пушка.

Во текот на истиот ден околу пладне Орце Поп Јорданов[6] од својот стан, што се наоѓал близу до Отоманската банка зад католичката црква, во наредните на два до три часа од време на време фрлал бомби од внатрешноста на куќата, додека не бил убиен од војниците. Кога трупот на Орце Поп Јорданов бил изваден од куќата и поставен сред улицата а неколку разјарени војници сакале да го прободат со бајонетите на пушките, Хусни ефенди-Арап бинбаши, кој исто така бил на местото на настанот, ги запрел и посочувајќи го трупот на убиениот атентатор, се свртил кон војниците и го кажал следното: "Еве така се умира за татковина. Нека убиениот ви служи за пример како треба да се жртвувате и да умрете за татковината!"

Истиот ден околу 5 – 6 часот, кога валијата се прибирал во својот стан, што се наоѓал во маалото Пиргите, претходно одредениот конспиратор Цветко Трајков се обидел да се доближи до пајтонот на валијата, меѓутоа бил забележан од обезбедувањето и подгонет.

Цветко, откако се оддалечил на едно празно место, кај една куќа вади една бомба, ја запалува и седнува врз неа. Бомбата избувнува и Цветко ја наоѓа својата херојска смрт. Таа саможртва на Цветко ги закова на место и валијата и војниците.

Последиците од солунските атентати беа 2000 души уапсени, повеќето ослободени, а 353 души заведени на суд.

Беа заробени и испратени пред воен суд и четирите атентатори: П.Шатев, М.Бошнаков, Г.Богданов и М.Арсов. Г.Богданов пројавил знаци на поулавеност уште на самиот почеток и како таков не бил исправен пред судот. И за време на истрагата и во судот, некои од атентаторите се покажале како многу дрдорливи. Се откри целиот заговор со сите негови подробности.Жртви на таа брбливост станаа членови на ЦК на ВМРО и други солунски граѓани. М.Арсов ги предаде и раководителите на Организацијата во Велес и ред други членови на Организацијата.

На 14 мај, во присуство на одбрана публика, судот ја донесува пресудата. Од 353 обвинети, 33 души беа осудени (четири на смрт, а другите на затвор од 5 до 101 година) и 25 ослободени. Делата на 29 души (во тој список и на Гарванов) беа препратени во обичните судови, а по 266 дела судот се објави за некомпетентен да се произнесе.

Смртната казна на четирите атентатори беше заменета со доживотен затвор. Осудените на над 10 години, кон крајот на месец јули беа испратени на заточение по разни места низ Азија и Африка: Подрум, Пајас-куле, Родос и Фезан. Четирите атентатори беа испратени во гр. Мурзук, 950 километри внатре во африканската провинција Фезан.[7]


1. Ст. Стефанов Михов потоа бил откриен и осуден, но успеал да избега и заминал за Париз, каде што престојувал извесно време. Оттаму заминал за Белгија, каде што во продолжение на неколку години завршува право, филозофија и хемија, и за време на Балканската војна се враќа во Бугарија, но умира од туберколоза, оставајќи жена и малолетни деца во полна мизерија.
2. Женевската група во 1898 година стапи во контакт со луѓе на Внатрешната организација и Врховниот комитет. Следната година Мерџанов, Соколов и Манџуков заминаа со четата на Гоце Делчев. И тројцата внатре се одделија од Г.Делчев и тргнаса со А.Бозунов, а после во Софија попаднаа конечно под влијанието на Б.Сарафов. Други – М.Герџиков, Калчев, Ганчев и др. Се зближија со Г.Делчев и станаа членови на Внатрешната организација. Трети, како Димо Николов и др. се оддалечија од македонското ослободително движење.
3. Кипров беше испратен од Сарафов. Но во Солун тој се зближува со Централниот комитет.
4. И двајцата беа осудени на 101 година затвор. Стариот Калчо Стојанов умира како заточеник во Синап, а син му Нанчо беше ослободен по хуриетот и пак заработи како печатар, но не поживеа многу.
5. Патниците беа заведени во агенцијата на компанијата, таму им ги зеле имињата и им рекле да дојдат утредента за да си ги повратат парите. Другиот ден францунскиот конзул му соопштил на валијата дека само едно лице, Георги Манасов, не се јавило во агенцијата за своите пари. Полицијата делуваше брзо и како резултат на тоа беше уапсен Георги Маналов, односно Павел Шатев.
6. Неколку месеци порано, Орцето во осигурителното друштво „Њу-Јорк се осигурил за 10.000 лева на името С.Радев. Последната воља на Орцето била, после неговата смрт, целата сума да му се предаде на Борис Сарафов. Откако Сарафов ги презеде парите, половината од таа сума му ја предаде на таткото на Орцето, кој за таа цел од Велес дошол во Софија.
7. Од нив Бошнаков и Арсов умреа на заточение. Другите двајца, Шатев и Богданов, беа амнестирани и ослободени после хуриетот во 1908 год. Тие од Фезан ги донезсоа главите на своите двајца починати другари и ги предадоа на нивните родители.

<<Назад | Почеток

granicnik