Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Петар Јуруков

III

Јуруков пак презимува во Бугарија. - Испратен од Гоце Делчев, Јуруков се враќа со чета во Тиквешко. Судир со врховистите. - Предадена од Дончо, четата на Јуруков ја напаѓаат турци. – По крвавата борба Јуруков пристига во Неготино. - Успешна агитација по селата. - Поради недостаток на оружје за време на востанието се преземаат ситни акции против месните бегови. - Јуруков најпосле се прибира во Бугарија.

Во текот на зимата седев тука и дома во Карлово. Делчев беше тука, се среќавав и со него. Јас сакав пак да заминам во Турско. Делчев дојде и ми предложи да одам во Тиквешко, да предводам таму една чета за да помогнам да се возроди организацијата во Тиквешко, а најмногу да се организира патот (каналот) од Струмица - Радовиш за Прилеп. Јас се согласив. Тргнав со 9 души (имаше млади момчиња и од тука, имаше и ученици), а како мој помошник тргна Атанас Пазарџиклијата; тој тргна со 8 души со цел таму да организираме две чети. Тргнавме од тука заедно со Аргир Манасиев (и тој со чета, десетина души), а 5-6 души со нас уште за Поројско - вкупно околу 35-36 души. Меѓутоа тогаш бугарската влада гонеше, имаше контрабанди, заседи и отвараа оган. Бевме тргнати од Ќустендил и кај с. Сажденик налетавме на заседа; не удрија и им се предадовме со услов да не им го дадеме оружјето. Отидовме во с. Сажденик. Контрабандата беше 14 души, а вечерта, кога контрабандата заспа ние си ги зедовме пушките и си отидовме преку границата. Поминавме преку Кочанско; во Малешевско се најдовме со четата на Никола Дечев и Трајчо Христов (сега се убиени). Таму веќе беа врховистичките чети на Васе Пехливанов и на Дончо. Ние тогаш се собравме повеќе, околу 70 души, дојде малешевската чета на чело со Ристо Кутрулчето и радовишката чета со Коста Мазнејков и Ениџе-Вардарската со Апостол. Целта ни беше да ги вразумиме Дончо и Пехливанов, коишто проповедаа востание: „Ете и Русија е готова" итн. Бевме решени, ако не се вразумат, да ги прогониме во Бугарија. Една вечер бевме разделени на две групи; тие отвориле на едно наше оделение заседа. Продолжила престрелката околу 15 минути блиску до селото Будинарци во Малешевско. Ништо не излезе, успеаја само да ни го земат лебот кој беше натоварен на два коња. Кога Дончо виде дека не може да направи ништо и дека ние ќе го гониме, оди и фаќа еден селанец и неговиот син, го праќа таткото да оди и да му каже на јузбашијата да дојде на едикое си место, дека таму е мојата чета, за да не нападне. Во спротивен случај му се заканил на таткото, дека ќе го убие син му. А тој го означил нашето место. И навистина околу пладне пристигнаа до 400 души аскер и се судривме. Еден час траеше судирот и ние се повлековме оставајќи 7 души убиени. Од тиквешката чета паднаа тројца. После тоа таму се раздвижи многу аскер, - турците не виделе таква голема чета и помислија, дека сме дошле за востание па довлечкаа многу аскер. Ние, придружени од тиквешката чета, си отидовме во Тиквешко. Вардар го преминавме со бродови и стигнавме во Неготино. Делчев заминал низ тие места пред тоа па малку се беше подигнал духот на тамошните луѓе. Не примија добро. Беше околу јуни месец, во најработното време, па не можевме многу преку летото да ги собираме луѓето на едно, да ги посветуваме во делото. Одевме од село во село и организирвавме, - именувавме нови раководители, десетари и др. Помина летото, кога се отепаа и некои шпиони, особено главните виновници за првата афера. Во Клиново, во Бојанчишта, Беглишта се казнуваа Бугари, предавници. Решаваше реонското управно тело со наша согласност, а ние ги прашувавме и селаните и тогаш извршувавме. Со слични дејствија помина летото.

Востанието на Цончев го осетивме, но немаше желба кај луѓето да востанат, а и ние бевме против. Во текот на зимата целосно се се организираше: каналот стана многу добар. Давидов премина, после Сарафов замина. Во сите села беше наредено се; курирската служба беше добра. Каде и да бевме ние, знаевме кога и каде излегла потера. Никакви судири преку летото и зимата не се случија. Луѓето добро не криеја. Оружје немаше и немаше од каде да го набават. Ги обучувавме со нашите пушки. Вкупно во Тиквешко имаше разнокалибарни пушки околу 300 Гра и мартинки во околу 70 села. Во месец февруари 1903 г. од реонскиот началник се доби писмо да одам во Ваташа со четата; таму ни се соопшти за донесеното решение да се дига востание. Јас им приговарав, од каде пушки, но ми се одговори, дека има време, дека ќе може да се најда оружје. До пролетта се собраа до 1500 лири, што даром, што силом. Од нив 750 лири испративме тука преку Милан поп Михајлов и Добри Даскалов (од с. Кавадарци), за да се организира чета и за да се донесе материјал. Но ништо не можеа да донесат, затоа што кај границата во Кратовско и Кочанско четата била откриена и во неколку борби изгубила се, зачувувајќи нешто сосема малку. Околу 650 лири се испратија во Солун, пак за оружје, за што се добија 70 пушки систем Гра (по 3 лири едната); 100 лири се испратија на Воден, пак за пушки и од таму ништо не се доби, - ги испозатворија раководителите. Најнакрај останавме со 70-те пушки. За општо востание немаше смисла да се прават подготовки.

По повод на солунскиот атентат започнаа апсења насекаде па зедоа да прибегнуваат многумина во нашата чета; таа брзо се зголеми - стана до 70-80 души. Се делевме на 3 одделенија, за полесно. Кога наближи востанието, 20 јули, на еден бег до селото Полошко му ја запаливме кулата и го погодивме во ногата, други тројца заптии убивме а еден друг турчин жив фативме, по што турците се раздвижија и тргна потера: на едно место, го викаат Тумбата, дојдоа 70-80 души аскер, се судривме привечерта и наскоро престана и ние се повлековме. Пак афера. Во Тиквешко заповедуваат беговите, затоа што таму се е чифлик. Доведоа до 3000 аскер, го распоредија да седи по селата: Праведник, Крвавец, Треново, Голишта, Клиново, Рожден, Рагне, Чемерско, Неготино, Кавадарци, Демиркапија и по линијата. Четата минуваше само надвор по полето и повеќе во планината. Започна аферата и во сите села ги тепаа луѓето, - ќотек; беа тепани од по 8-10 до 30 души во секое село. Ќотекот беше најсилен во Тиквешко. Од тепаните умреа 5 души, а 7 души беа застрелани од турците, бегајќи од нив: од Кожани - Јане Скандев, друг од село Бунарче, двајца од село Куманчево, двајца од Рожден. Тоа се случуваше во август откако беше прогласено битолското востание. Немавме ни бомби ни динамит. Ништо не се доби од Бугарија. До селото Шешково еднаш се судривме со аскерот. Турците ненадејно не нападнаа во планината, предадени од едниот од тепаните. И тогаш паднаа до 15 души од нашите и 17 души турци. Тоа бше во август. Вечерта се повлековме - бевме 40 души. Останавме 23. Друга една борба се случи околу селото Коприштица каде што паднаа 7 души турци и 2 од нашите. Тепаните селани ги испративме да се жалат во Солун. Обесчестувања имаше насекаде. Го запреа измачувањето, - Шефкели бег беше обуздан. Имаше еден Муса Арамијата, турчин зулумџија. Открија до 80 пушки заедно со земените од убиените. Седев до ноември. Оставив чета од 30 души под водството на Гело Галички „Коџабашијата". И сега таа чета се крие и се движи по селата. Населението е бодро и не попушта. Тоа си ги зачува и пушките - до 300 пушки. Јас се вратив со 10 души тамошни и двајца тукашни. Сметам пак да се вратам.

Една железарска работилница во Ќустендил, во којашто се правеа ками и поправаа пушки, револвери, е основана и поддржана од членовите на кружокот „Трајко Китанчев". Таа работилница суштествуваше до јануари 1903 година.

Почеток | <<Назад | Содржина