Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Спомени - Михаил Герџиков

VIII

Герџиков во Софија. – Собрание на македоно-одрински дејци по прашањето за одговорностите за кренатото востание. - Б. Сарафов заминува во странство. Герџиков оди со него. - На станицата во Белграл. - Средби со луѓето од српската влада. - Однесувањето на Сарафов во Виена и Лондон. - Г. негодува против Сарафова.

Пред да се вратиме во Пловдив, ние тројцата со Силјанов и уште неколцина други комити поминавме околу 20 дена во с. Св.Никола кај Созопол. И Даев беше со нас. Владата не прогонуваше. Ние сакавме да запазиме барем дел од оружјето што го бевме прибрале од бегалците. Оружјето го разместивме по складови и крај границата, ги променивме местата на складовите, туку владата ги пронајде и новите складови, и го конфискува поголемиот дел од оружјето. Најдоа и 100-тина бомби, што им ги предадоа на воените во Бургас, а тие, од страв да не дојде до некоја експлозија во нивните складови, ги фрлији во морето. Во тоа време добивме вест од Софија да отидеме на некакво советување, бидејќи во Софија пристигнале множество војводи од Македонија, а и Сарафов се беше вратил.

ите ние - не се сеќавам за Даев, дали дојде и тој - дојдовме во Софија и зедовме учество на советувањата, што веќе беа започнале. Тука беа и Сандански, Чернопеев, Чакаларов и др.

На дневниот ред се наоѓаа две прашања: Сандански и Чернопеев го поставија прашањето за што се кренало востанието, во кое тие не зедоа активно учество. Сандански беше јадосан, оти други се прославија, особено Сарафов, а овој пак не беше направил ништо. Главната цел им беше да се манифестира тенденцијата на Сандански и компанија за отцепување; тие формираа крајна левица. И јас говорев, дека по принцип сум бил против кревањето на востанието, па и јас бев во принцип согласен со Сандански, а имено, дека Организацијата треба да тргне по друг пат, да се децентрализира, да се реформира, да се стори сe што е можно да се зајакне наново, за да се избегнат по вторпат такви улавства, како досега и сл.. Сандански и др. добија поддршка од Стефанов, што беше нивниот идеолог.

Второто прашање беше: Сарафов изјави на собранието, а исто така и Чакаларов, дека тие, кога го напуштиле населението во Битолско, ова ги ополномоштило од каде и да е да најдат пари, за да му помогнат. Сарафов изјави дека тој во свое име ќе замине за Европа, да ги набави тие пари, на начин каков што тој ќе смета за погоден. Најмногу на тоа се спротивставив јас, бидејќи постапката на Сарафов претставуваше акт за непочитување на Организацијата, акт на самоволство, дотолку повеќе што во странство неговото име беше поврзано со името на Организацијата. Побарав да го покаже полномошното, со кое божем го ополномоштило населението од Битолско. Добив поддршка од целата левица, собранието беше бурно толку многу, што дојде до тоа за малу да се вадат ками и револвери. Ова прашање беше претресувано од собранието две - три вечери. Стефанов во мене виде свој противник, што успеал да повлече со себеси поголем дел од другарите. Затоа една вечер, накај десет и половина часот, кога бев излегол од собранието, ме начекаа стражари, ме зграбија и ме одведоа право на железничката станица, и ме интернираа во Пловдив. Јас сум уверен дека сето тоа беше работа на Сарафов. Јас отворено и јавно му бев рекол, дека ако ми падне в раце внатре во Турција, ќе му ја одерам кожата, а и тој ми го кажа истото. Нашите односи беа многу заострени.

Во тоа време, додека заседававме, во текот на 2-3 дена по 2-3 пати ме повикаа претставниците Татарчев и Матов во домот на Стефанов, и таму тие ме уверуваа дека Сарафов бездруго ќе успее да отиде во Европа, па дури и самиот, и дека е подобро некој од нас да отиде со него. Јас предложив да отиде Татарчев, како најпогодеи, најсветски човек. Татарчев не се согласуваше, но Стефанов остана на своето настојување да отидам јас. Јас не се согласував, и прашањето остана така, а другата вечер властите ме интернираа во Пловдив. Десетина дена по ова во Пловдив дојде Туше Делииванов, и ми рече дека е задолжен од Стефанова, Матова и Татарчева да ми каже, а и од свое име ме советуваше да заминам заедно со Сарафова. Јас им реков дека би сакал да ја имам согласноста, барем од сите другари од собранието, а тој ми рече дека сите тие се согласни. Подоцна се разбра дека Стефанов му пренел така, - го излажал. Стефанов бездруго во мене гледал некаков ривал, и бидејќи беше почнал самиот да има извесно влијание врз левицата, па сакал да ме отстрани. За моето заминување јас поставив услов, Организацијата да издаде само едно полномошно, во кое да бидат споменати моето име и името на Сарафова, така што тој да не може без мене никаде да ја претставува Организацијата, ниту пак јас без него. Претставниците се согласиле со ова, бидејќи интимна желба им било да не отстранат оттука и двајцата нас, бидејќи Сарифов во своите раце го држеше едниот лагер, а пак јас спротивниот, па така во наше отсуство да можат полесно да излезат на крај со оние што негодуваа.

Од Пловдив јас тргнав право за Белград, бидејќи не смеев да се запрам во Софија, бидејќи бев интерниран, и мислев дека владата може да ми направи некаква препрека. Во Белград го чекав Сарафова 4-5 дена. Во Белград ги затеков Матеј Геров и Љапов како претходница. Сарафов беше презел чекори да се рекламира насекаде. Матеј Геров беше ангажирал стотина студенти, други граѓани ангажирал Љапов, па на станицата се беше збрал множество свет, што го пречека Сарафова со овации. Јас не знаев ништо, дека пристнгнува Сарафов, тоа Љапов и Геров го криеја од мене. Немав ни пари, чекав да ни испратат пари за да си купам облека. Грамадницата одеше по пајтонот, извикувајќи му „живео" на Сарафов. Мнозина студенти се качија горе во хотелот „Код Париза". Сарафов излезе на балконот и одржа говор. Воопшто земено беше многу свечен пречек. Утредента и јас се преместив во истиот хотел. Најпрвин дојде да не посети Светослав Симиќ, а вечерта не покани на вечера, на која присуствуваа и некои од офицерите заговорници, што го подготвуваа пресвртот, меѓу нив и Машин. Геров остана да се вртка крај нас, а Љапов се изгуби некаде. Геров сакаше да му издејствувам од претставништвото во Софија да му биде дадено полномошно да остане како претставник на В. организација во Бугарија. Јас го одбив, бидејќи ми остави лош впечаток, и им напишав писмо против него на Татарчев и Матов. Утредента кај нас дојде Балугчиќ, кој излезе стар пријател на Сарафова, и тој нe покани на ручек, велејќи дека ќе присуствува и едно лице, за кое не треба да се знае дека сме се виделе. На ручекот дојде еден господин, кој ни јави дека очекуваното лице нема да може да дојде. Тогаш узнав дека очекуваното лице бил некој си роднина (вујко?) на сегашниот крал Петар. Таму дојде до еден мал маневар. Госпоѓата Балугчиќ ме заприкажа, тоа беше при подавањето на кафето, а во тој момент оној господин, што рече дека лицето нема да дојде, се тргна со Сарафов во друга одаја, и таму останаа околу 20 минути, и потоа пак се вратија. Во тоа време дамата особено се трудеше да ме занимава, и јас не можев никако да се извлечкам од неа. На збогување дамата предложи да се фотографираме заедно сите, да не сними еден фотограф, што случајно (?) се нашол таму и се фотографиравме. И Матеј Геров позираше со нас. Утредента заминавме за Виена. Љапов ја беше подготвил работата, - кога стасавме на станицата во Виена, не пречека г. Минцес. Минцес му се обрна на Сарафова, меѓу другото и со зборовите: „Борисе, немој да одиш таму, затоа што нема да излезе ништо". Сарафов го потчукна по рамото, и му одговори: „Не плаши се, Борис знае што прави". Јас настојував да си заминеме понатаму уште истата вечер. Сарафов велеше дека е убаво да останеме барем еден ден да си отпочинеме во Виена. Утредента изутрина Сарафов ми рече дека имал некоја своја пријателка, со која сакал да помине до пладнето. Јас до пладне останав во хотелот со еден студент, Киселков, кого го имав повикано, и кон 11 часот излегуваме од хотелот. Токму уште на вратата, запре еден пајтон, и слезе Минцес, кој зазбиван ме запраша: „Дали е тука Сарафов?" Јас му одговорив дека не е тука. „Па нели му реков да не оди таму?!" „Кај кого?" - запрашав. „Кај грофот!" Запрашав: „Кај кој гроф?" Минцес ми одговори: „Голуховски. Зарем си мислите дека Борис може да го надлаже човекот што во своите раце го држи целиот Балкански Полуостров!" Јас, иако не бев во текот на работата, за да не се најдам во глупава положба пред Минцес, му реков: „Не плашете се, Сарафов не е дете, и ќе знае како да постапи". На овој разговор беше присутен и студентот Киселков. Минцес беше многу растревожен. Јас го поканив Минцес да дојде во ресторанот, каде требаше да се сретнеме со Сарафова, но Минцес јадосано ми рече: „Не сакам ни да го видам". Се качи на пајтонот и си замина. Во ресторанот по малку дојде и Сарафов. Јас се уште бев со Киселкова. Само го запрашав: „Е, како напредува со љубовта?" Тој почна да ми расправа дека таа била жена што тој ја сакал, а која не ја видел одамна и сл.. Сe на таа тема. Вечерта заминавме за Лондон. Патем го прашав Бориса: „Зошто си го растревожил Минцеса?" „Зошто кога ти кажал да не одиш кај Голуховски, а ти отиде"? Сарафов брецнато ми одговори: „За каков Голуховски ми зборуваш? Кој ти го рекол тоа? Тој го сонувал тоа; не сум бил кај никој Голуховски." Тоа беше сe на таа тема.

Во Лондон преку Довер нe пречека Божирад Татарчев, и слеговме во неговиот пансион. Речиси истовремено таму пристигнаа и Цончев и Гологанов. Се сретнавме со г. Мур, пратеник, со мнозина од членовите на либералната партија. Ни организираа средба во клубот на либералите, со Цончев и Гологанов. Пред тоа не запрашаа да не имаме нешто против. Очигледно сакаа да ги узнаат нашите односи. Организираа и панахида за паднатите во нивната катедрала. Нивниот епископ одржа говор. Беа присутни Цончев, Сарафов и јас. Борис постојано гледаше да најде некаков заем - 2 - 3 милиона. Се сретнавме со некои луѓе, сe така за тоа прашање. Луѓето му бараа „реални гаранции", а тој им предлагаше експлоатација на Охридското Езеро, кога ќе се ослободи Македонија. Тоа беа глупости. Во Лондон узнав дека таму бил некојси Лазаровиќ, што издал карта на Македонија, на која биле одбележани стратегиските точки, каде ќе се одвиваат борбите (небаре тие пунктови биле одбележани со раката на Сарафов). Него го сметале за претставник на Организацијата, собирал пари што божем му ги праќал на Сарафов и сл.. Никаквец. Му рекол на Божирада да среди да дојде до средба меѓу мене, него и Сарафов: До средбата дојде во писарницата на Мур (адвокатска писарница). Уште на првата средба веднаш го запрашав Лазаровиќ каква е таа карта, кој му дал право да собира пари и сл.. Лазаревиќ призна дека земал пари, но рече дека испраќал пари и на Организацијата. Кога го запрашав кому му праќал одговори дека му ги праќал на Сарафов. Тогаш Сарафов беше принуден да признае дека добил не повеќе од десетина илјади франка, а оној тврдеше дека испратил многу повеќе, дека праќал пари и преку претставниците на Органнзацијата во Грција. Се извинуваше дека натоварил еден брод со оружје, и дека оружјето од тој брод било конфискувано од Турците или од грчката влада. При овие разговори и Лазаровиќ и Сарафов се збркаа. Тоа го забележаа и Татарчев и Мур. Во тој миг влезе жената на Лазаровиќ, една убава Американка, со слободни манири, и веднаш ни се нафрли со комплименти, дека била среќна што може да ни ја стегне раката, да се запознае со нас, да и раскажеме нешто за себеси и сл. На тој начин таа умешно го прекина разговорот, не фати под рака, не одведе долу на улица, не покани да дојдеме на ручек. Јас сакав да одбијам, но Сарафов побрза и ја прифати поканата за ручек. Утредента Лазаровиќ телеграфски ми го кажа менито. Страшен шарлатан.

Почеток | <<Назад | Напред>> | Содржина

granicnik