Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!


  

Избор на Молитви од Вечерна Богослужба и Повечерие



Ги кревам очите мои кон тебе кој живееш на небото. Ете како што се очите на слугите свртени кон рацете на господарите нивни, како очите на слугинката кон раката на господарката нејзина, така и нашите очи гледаат кон Господ нашиот Бог, се додека не се смилува. Смилувај се на нас Господи смилувај се зашто многу сме понизени со презир, зашто се преполни душата наша од навреди на силните и од понижување на горделивите. Богородице дева радувај се благодатна Марија, Господ е со тебе, благословена си ти меѓу жените и благословен е плодот на твојата утроба зашто си го родила спасителот на нашите души. Крстител христов, спомни не сите за да се избавиме од нашите беззаконија зашто тебе ти се даде Благодат да се молиш за нас. Молете се за нас свети апостоли и сите Светии да се избавиме од беда и невоља зашто во вас стекнавме застапници пред Спасителот. Прибегнуваме пред твојата добросрдечност Богородице. Не презирај ги нашите молитви во невоља туку избави не од опасност единствена чиста единствена Благословена. Небесен Цару зајакни го благочестивиот православен народ наш, верата утврди ја, народите скроти ги, светот смири го, овој Св Храм, оваа Св Обител чувај ги добро, порано преминатите наши татковци и браќа всели ги во населбите на праведниците и прими не нас во покајание и исповед зашто си добар и човекољубив. Боже на нашите татковци кој секогаш со нас постапуваш според твојата кротост, не лишувај не од твојата милост но по нивните моливи упатувај го нашиот живот во мир. Христе Боже твојата Црква украсена со крвта на твоите маченици од целиот свет како со пурпур и свила преку нив ти вели: Испрати ги своите добрини на твоите луѓе, дарувај мир на твојот народ и голема милост за нашите души. Апостоли маченици и пророци, светители преподобни и праведни кои борбата добро сте ја завршиле и верата сте ја сочувале имајќи слобода кон спасителот, молете го за нас како благ да ги спаси нашите души. Неосквернета несоблазнета невина пречиста чиста дева Богоневеста Владетелка која преку твоето преславно раѓање го соедини Бог Словото со луѓето, ја воведе отфрлената природа на нашиот род со жителите на небото, ти која си единствена надеж на безнадежните и помош на борците, спремна застапница на оние кои доаѓаат кај тебе, засолниште на сите христијани, не гнаси се од мене грешниот кој со лоши мисли зборови и постапки се направив сосем непотребен и поради лесномисленоста свесно станав роб на животните наслади. Но бидејќи си мајка на човекољубивиот Бог, човекољубиво смилувај се на мене грешниот и блудниот и прими ја мојата молитва која ти ја принесувам со моите усни. Послужи се со твојата мајчинска слобода и помоли го твојот Син и наш Владика Господ да го отвори за мене човекољубивото срце на својата благост откако ќе ги презре безбројните мои грешки да ме обрати кон покајание и да ме направи искусен исполнител на неговите заповеди. Како милостива и милосрдна, доброљубива биди секогаш со мене, а во овој живот биди топла застапница и помошничка прогонувајќи ги непријателските напади и водејќи ме кон спасение. Во часот на смртта сочувај ја мојата бедна душа и одстрани ги далеку од неа мрачните лица на лошите духови. А во страшниот ден на судот избави ме од вечната мака и направи ме наследник на неискажливата слава на твојот Син и Бог наш за да ја примам владетелка моја, преку твоето посредништво и застапништво по Благодатта и човекољубието на твојот единороден Син, Господ Бог и Спасител наш Исус Христос. Нему му прилега секоја слава чест и поклонување со неговиот безпочетен Отец со пресветиот благ и животворен негов Дух, сега.. Кога одиме на спиење Владико дај ни одмор на телото и душата и зачувај не од мрачен и гревовен сон и од секакво темно и ноќно сладострастие. Скроти ги поривите на страстите, изгасни ги распалените стрели на лукавиот примамливо насочени кон нас. Смири ги нашите телесни возбуди и смири секакво земно и материјално мудрување. Дарувај ни Боже силен ум, целомудрена мисла, трезвено срце, лесен сон и ослободи не од секакво ѓаволско мечтаење. Крени не во времето на молитва утврдени со твоите заповеди и сеноќно славословие дарувај ни, да го пееме благословуваме и славиме твоето пречисто и прекрасно Име на Т.. Со нас е Бог разберете народи и покорете се зашто со нас е Бог. Ти благодарам Господи за изминатиот ден те молам дај ми безгрешна вечер и ноќ Спасителу, и спаси ме. Те славам Владико за изминатиот ден, молам дај ми несоблазнива вечер и ноќ, Спасител спаси ме. Ти пеам песни за изминатиот ден Свети, молам дај ми безбедна вечер и ноќ Спасителу, и спаси ме. Безтелесната природа херувимска те слави со громогласни песни. Шестокрилните суштества Серафимите со непрестајни гласови те превознесуваат. Ангелските војски со трисвети песни те фалат зашто си Отец кој постои пред се, и го имаш собезпочетниот твој Син. И носејќи го еднакво почитуваниот Дух на животот ја покажуваш неразделната Троица. Пресвета дева мајка Божја, вие кои сте очевидци на Словото и слуги, сите хорови на пророците и мачениците кои имате бесмртен живот за сите молете истрајно, зашто сите сме во невоља. Да се избавиме од лагите на лукавиот и да запееме Ангелска песна: Свет Свет Свет Трисвет Господ, помилувај не и спаси не Амин. Пресвета Владетелка Богородица, моли се за нас грешните. Сите небесни сили на светите ангели и архангели молете се за нас грешните. Св Јоване пророк претходник и крстител на нашиот Господ Исус Христос моли се за нас грешните. Свети славни апостоли пророци и маченици и сите Светии молете се за нас грешните. Преподобни богоносни татковци наши, пастири и вселенски учители...Свети словенски просветители и учители Кирил и Методиј Климент и Наум Сава Горазд и Ангелариј...Непобедлива и недостижна и Божествена сила на чесниот и животворен крст не оставај не нас грешните. Боже очистине грешните и помилувј не. Просвети ги моите очи Христе Боже да не заспијам до смрт, да не рече мојот непријател: Го совладав. Боже биди ми заштитник на мојата душа зашто поминувам низ многу замки. Избави ме од нив и спаси ме Благи, како Човекољубив. Господи ти знаеш дека моите невидливи непријатели не спијат и слабоста на моето јадно тело ја знаеш ти кој си ме создал, затоа мојот дух го предавам во твои раце, покри ме со крилјата на твојата добрина да не заспијам во смрт. Просвети ги моите духовни очи да се насладувам од твоите Божествени зборови и во погодно време подигни ме за да те славам зашто си единствен благ и Човекољубив. Погледај и послушај ме Господи Боже мој. Колку е страшен твојот суд Господи. Ангелите се пристутни, ги доведуваат луѓето, се отвараат книгите, делата се испитуваат, помислите се истражуваат. Каква ќе биде пресудата за мене зачнатиот во грев. Кој ќе ми го изгасне пламенот. Кој ќе ми засветли во темнината. Ако ти Господи не ми се смилуваш како Човекољубив. Солзи дај ми Боже како некогаш на жената грешница и удостој ме да ги навлажнам твоите нозе кои ме ослободиа од лажниот пат и да ти принесам миризливо миро, чист живот спечален со покајание и јас да го слушнам твојот сакан глас: Твојата вера те спаси, оди си со Мир. Богородице ако ја имам твојата непосрамна надеж ќе се спасам. Ако стекнам твоја заштита Пречиста, нема да се плашам. Ќе ги покосам моите непријатели и ќе ги победам имајќи ја како оклоп твојата единствена заштита и твојата семоќна помош. Молејќи се ти пеам: Владетелка спаси ме со твоите молитви и подигни ме од мрачниот сон со силата на воплотениот од тебе Син божји, да те славословам. Господи Господи кој не избавуваш од секоја стрела што дење лета избави не од се што се движи по темнина. Прими го воздигнувањето на нашите раце како вечерна жртва. Удостој не и ноќното боиште да го поминеме без порок и искушение од зли духови. Избави не од секоја поматеност и страв што ни ги причинува ѓаволот. Дај ни умилност на нашите души и грижа на помислите при испитувањето на твојот страшен и праведен суд. Воведи не во страв пред тебе, заздрави ги нашите телесни органи да можеме и во сон да се учиме на тихување и размислување за твоите пресуди. Одстрани од нас секоја неприлична желба и лоша страст. Разбуди не навреме за молитва, утврдени во верата да напредуваме во твоите заповеди со благоволението и благоста на твојот единороден Син со кого си благословен со пресветиот благ и животворен твој Дух сега.. Господи помилувај не зашто во тебе се надеваме, не гневи се многу на нас ниту споменувај ги нашите безаконија, но погледни и сега како добросрдечен и избавине од нашите непријатели, зашто ти си Бог наш и ние твоите луѓе сите сме дело на твоите раце и твоето Име го повикуваме. Господи кога би ги немале твоите Светии за молитвеници и твојата добрина која не милува како би смееле да ти пееме Спасителу, тебе кого ангелите постојано те слават. Срцезналецу поштеди ги нашите души. Со моите премногу гревови Богородице кон тебе пријдов чиста, барајќи спасение. Посети ја мојата немоќна душа и моли го твојот Син и наш Бог да ми прости се што згрешив, единствена Благословена.

Богородице не оставај ме за време на мојот живот, на човечка заштита не доверувај ме туку заштити ме и помилувај ме. Сета моја надеж во тебе ја полагам мајка Божја, сочувај ме под твојата закрила

Избрани делови од Утрена Богослужба


Спаси ги Господи твоите луѓе и благослови го твоето наследство. Победи на сите Православни Христијани над противниците дарувај пазејќи го со крстот твој твоето жителство. Севоспевана Богородице како страшна и сигурна застапница не презирај ги благодатна нашите молитви, утврди го православното жителство, спаси го нашиот православен народ кому си заповедала да владее и подај му победа бидејќи си го родила Бог, единствена Благословена. Бог Господ ни се јави, Благословен е Оној кој доаѓа во Името Господово. Фалете го Господ зашто е добар, зашто е вечна неговата милост. Ме заокружија од сите страни, но со Името на Господ ги одвраќав. Нема да умрам но ќе живеам за да ги кажувам делата на Господ. Каменот кој ѕидарите го отфрлија стана аголен Камен. Од Господ е ова и чудесно е во нашите очи. Уште од ноќ рано се јавува мојот дух кон тебе Боже, зашто твоите повелби се светлина на земјата. Научете се на правда вие кои живеете на земјата. Ревноста ќе го обземе ненаучениот народ. Со застапување на твоите безтелесни сили помилувај ме. По молитвите на твојот предходник помилувај не. Со силата на твојот крст сочувај не. По молитвите на твоите апостоли и на Св Никола помилувај не. Мојата душа го велича Господ и мојот дух се зарадува во Бог спасителот мој, оти ја погледна смиреноста на слугинката твоја, и ете од сега ќе ме ублажуваат сите родови зашто силниот ми направи големи дела. Свето е неговото Име и милоста негова е од колено на колено за оние кои се плашат од него. Он покажа сила со раката негова, ги распрсна оние кои се гордеат со мислите во срцата нивни, ги симна силните од престоли и ги воздигна смирените, гладните ги исполни со добра а богатите ги отпушти празни, го прифати Израилот својот слуга сеќавајќи се на милоста која им ја вети на нашите Татковци Авраам и на семејството негово довека. Тебе те фалат сите небесни сили и тебе слава ти вознесуваме на .. Слава на Бог во висините и мир на земјата, меѓу луѓето добра воља. Те фалиме те благословуваме ти се поклонуваме те славиме ти благодариме поради твојата голема Милост. Господи Цар Небесен, Боже Отец Седржител, Господи Сине единороден Исусе Христе и Дух Свет, Господи Боже Јагне Божјо Сине на Отца кој ги земаш гревовите на светот, помилувај не. Ти кој ги земаш гревовите на светот прими ја нашата молитва. Ти кој седиш од десно на Отца помилувај не зашто ти си единствен свет, ти си единствен Господ Исус Христос во Слава на Бога Отца, Амин. Секој ден ќе те благословувам и ќе го фалам твоето Име вечно и во вечни векови. Господи ти си ни бил прибежиште од род во род. Јас реков, Господи помилувај ме и исцелија мојата душа зашто згрешив пред тебе. Господи кон тебе прибегнав, научи ме да ја исполнувам твојата воља зашто ти си мој Бог. Зашто во тебе е изворот на животот, во твојата светлина ќе видиме светлина. Продолжи ја твојата милост кон тие кои те познаваат. Удостој не Господи во овој ден да се сочуваме од грев. Благословен си Господи Боже на нашите татковци. Фалено и прославувано е твоето Име во векови Амин. Нека биде Господи твојата милост кон нас како што се надеваме во тебе. Благословен си Господи научи не на повелбите твои. Благословен си Владико, вразумиме со повелбите твои. Благословен си Свети, просвети не со повелбите твои. Господи твојата милост е вечна, делата на твоите раце не презирај ги. Тебе ти прилега пофалба, тебе ти прилега пеење, тебе ти прилега слава на Отца .. Амин. Се исполнуваме изутрина со твојата милост, Господи се зарадувавме и се развеселивме во сите наши денови. Се развеселивме за оние денови кога си не понижил за годините во кои видовме зло. Погледни на слугите твои и делата твои, и научи ги синовите нивни. И славата на нашиот Господ Бог нека биде врз нас и во делата на нашите раце помагај ни и во делата на рацете наши поправи не. Добро е да те славиме Господи и да го пееме твоето Име севишно, наутро да се објавува твојата милос и секоја ноќ вистината твоја. Стоејќи во Храмот на твојата слава мислиме дека стоиме на небото, Богородице врата небесна, отвори ги вратите на твојата милост. Небесен Господар, засили ја верата и зацврсти ја, смири ги народите, светот смири го, сочувај ја Св Црква, татковците и браќата наши кои порано преминаа насели ги во населбите на праведниците а нас прими не во покајание и исповед зашто ти си добар и Човекољубив. Господи Владико на мојот живот не давај ми дух на мрзливост безволност властољубие и празнословие. Дарувај ми како на твој слуга дух на мудрост смиреност трпение и љубов. Еј Господи Цару дај ми да ги согледам моите грешки за да не го осудувам мојот брат зашто си Благословен во вечни векови Амин. Благословен си Господи научиме на повелбите твои. Ангелскиот собор се восхити гледајќи те меѓу мртвите, Спасителу, смртната сила ја разори и со себе Адам го подигна и од адот сите ги ослободи. Зашто мирото со милостивните солзи, о ученички, го растворивте ? Блескајќи во гробот Ангел на мироносиците им зборуваше: Погледнете го гробот и сватете дека Спасителот воскресна од гробот. Многу рано мироносиците трчаа кон твојот гроб плачејќи, но застана пред нив ангелот и рече: Времето за плачење помина, не плачете но воскресениото објавете го на апостолите. Мироносиците жени пристигнаа со миро кај гробот твој Спасителу, и плачеа. Ангелот им рече: Зашто мислите дека живиот е со мртвите ? Како Бог он воскресна од гробот. Да се поклониме на Отца и неговиот Син и на Св Дух. На Св Троица едносуштна, со серафимите пеејќи: Свет Свет Свет си Господи. Откако оној кој дарува живот го роди дева, Адам од гревот го избави. На Ева радост наместо мака и подари. Паднатите преку неа кон живот ги обрати откако од тебе се воплоти Богочовекот. Алилуја 3 Слава ти Боже, зашто се благослови твоето Име и се прослави твоето Царство на Т.. Од мојата младост со страсти се борам, но Ти заштити ме и спасиме Спасител мој. Вие што го мразите Сион засрамете се од Господ зашто ќе бидете исушени како трева со оган. Секоја душа живее со Св Дух и кон чистина се возвишува, се осветлува со Свештената Тајна на Троичното Единство. Зашто си свет Бог наш и во Светиите почиваш и тебе слава ти вознесуваме на Т.. Се што диши да го фали Господ. Фалете го Бог во неговата светиња, фалете го во цврстината на силата негова. Преблагословена си Богородице дева бидејќи оној кој се воплоти од тебе го плени адот, го повика Адама, клетвата се раскина, Ева се ослободи, смртта се умртви и ние оживеавме, затоа пеејќи да извикаме: Благословен да е Христос Бог кој така благоволи, слава ти. Денеска е спасението на светот, да му пееме на воскреснатиот од гробот и почетокот на нашиот живот. Зашто одкако ја урна смртта со смрт победа ни даде и голема милост. Воскреснат од гробот оковите адски си ги раскинал, си ја разрушил смртната пресуда, Господи откако ги избави сите од непријателските замки. Откако им се покажа на апостолите си ги испратил на проповед и преку нив си и го дал твојот мир на Вселената, единствен милостив. Твое е да милуваш и да не спасуваш Боже наш и тебе слава ти вознесуваме на Т..

 



Мистична Теологиа
www.angelfire.com/falcon/voznesenie